Една од најголемите трагедии во англискиот фудбал не беше предизвикана од хулигани како онаа на Хејсел, ниту од фатална грешка на полицијата како во Хилзброу. Катастрофата во Брадфорд била предизвикана од запалено дрво, материјал од кој беа изградени голем дел од англиските трибини во 70'-те и 80'-те години.
Новата книга под наслов „Fifty-Six - The Story of the Bradford Fire“ (56 - приказна за пожарот во Брадфорд), открива дека катастрофата не била само случаен инцидент.
Авторот Мартин Флечер во пожарот ги загубил брат му Ендрју (11 години), татко му Џон (32), дедо му Еди (63) и чичко му Питер (32). Флечер цели 15 години работел на книгата, која одела паралелно со истрагата за катастрофата. Во неколку делови од книгата со прст покажува кон Стафорд Хегинботам, тогашен претседател на клубот.
„Може ли навистина некој човек да биде толку несреќен како Хегинботам и случајно да биде поврзан со осум пожари пред овој трагичниот?“, пишува Флечер, откако поминал 15 години во истрага за пожарот во кој загубил 4 најблиски членови од семејството.
Мартин Флечер открил дека Хегинботам, кој починал во 1995. година на 61 година бил поврзан со дури осум пожари пред кобниот на стадионот и добил околу 3,16 милиони фунти од осигурителните компании. Претседателот на Брадфорд во тоа време имал сериозни финансиски проблеми, но тоа според Флечер не се спомнало на судот, кој две недели после пожарот одлучил дека пожарот бил случаен инцидент предизвикан од фрлен отпушок.
Друг доказ, според Флечер е тоа што Хегинботам бил близу да ги затвори своите фирми, а два дена пред пожарот му кажале дека ќе мора да одвои околу 2 милиони фунти за реновирање на стадионот кој не ги исполнува условите за настап во англиската трета лига.
Брадфорд тогаш добил 988,000 фунти од осигурувањето поради пожарот, а таа сума денес би имала вредност од 7 милиони фунти.