
Група Ц
АНГЛИЈА
ДАНСКА
СРБИЈА
СЛОВЕНИЈА
СЛОВЕНИЈА
Словенците одиграа супер квалификации и по втор пат ќе одат на едно големо натпреварување со селекторот Матјаж Кек кој ги однесе и претходно на Светско првенство.
Словенија во квалификации за ЕУРО 2024 ги совлада Финска, Казахстан, Северна Ирска и Сан Марино. Собраа 22 бода колку и Данска, имаа дури и подобра гол разлика од нив, но клапнаа во меѓусебен учинок после поразот во Копенхаген.
Интересно и необично токму Словенија и Данска ќе играат во 1. коло од групата Ц меѓу себе. Повторно паднаа во иста група со селекцијата на Каспер Јулман.
Има аналитичари кои тврдат дека Словенија е една од потенцијалните сензации на Еуро 2024.
Враќањето на Јосип Иличиќ после тоталниот пад е уште една причина да се има симпатии за репрезентацијата на Словенија. Иличиќ дебитираше за Словенците по Светското 2010, последниот меч за репрезентација го одигра во ноември 2021-ва но сезонава растури со 9 гола плус 12 асистенции за Марибор и влезе во составот за Европско кој ќе биде негов последен танц.
Најголема ѕвезда на Словенија е високиот и незгоден центарфор Бенјамин Шешко од германски Ред Бул Лајпциг кој штотуку потпиша нов договор. На голот е капитенот и еден од најдобрите светски голмани Јан Облак а во екипата има уште по двајца играчи од Удинезе и Штурм и дури тројца од Панатинаикос.
Словенците на два ипол месеци пред почеток на Европското во само пет дена одиграа нерешено со Малта и ја победија Португалија. Од таа причина оваа селекција е голема енигма за ривалите.
Селекторот Матјаж Кек ја почна тренерската кариера со две шампионски титули со Марибор. После солидни 4 освоени бода на Светско првенство 2010, Словенците не успеаа да се квалификуваат за Евро 2012 а во 2017-та Кек сензационално ја освои титулата со Ријека во Хрватска.
Следната 2018-та се врати во репрезентацијата. Словенците во меѓувреме сменија дури тројца селектори за една година, а Матјаж Кек остана селектор после два неуспешни квалификациски циклуси и на крај успеа да ги однесе на Европско.
Како што пишавме, Бенјамин Шешко сезонава постигна 18 гола за Лајпциг и беше цел на Манчстер Јунајтед, Челси, Арсенал и Милан. Неговата вредност после само една сезона дебитантска во Бундеслига е проценета на 50 милиони евра. 21-годишниот горостас ќе биде главна закана по голманите на ривалите.
Можен состав: Облак, Карничкик, Бијол, Брекало, Јанжа - Елшник, Гнезда-Черин - Стојановиќ, Ловриќ - Шешко, Шпорар
ДАНСКА
Данците победија на 7 од 10 натпревари во квалификации. Имаа проблеми во Казахстан каде изгубија после чудесен пресврт но на крајот од циклусот завршија први во група.
Повеќе од пола голови за Данска (10 од 19) се на сметка на напаѓачкиот тандем Винд - Хејлунд. Лидери во селекцијата и натаму се борбениот Пјер-Емир Хејбјерг и ветеранот на голот Каспер Шмајхел. Ова Европско веројатно ќе биде последен голем турнир за нив двајца.
На Европското 2021-ва стигнаа до полуфиналето и малку фалеше да се пласираат во големото финале па сега ќе имаат прилика за реванш против Англичаните.
Во репрезентацијата покрај Хејбјерг и Шмајхел, најискусен е и стоперот Симон Кјер. Но Данците имаат и пар таленти кои може да ги задиват сите на Европското како што направи Дамсгор во 2021-ва. Тоа се младиот лев Кристијансен од Болоња (позајмен од Лестер) и голманот на Лестер Хермасен.
Токму Кристијансен беше откровение на сезоната во Болоња и еден од најзаслужните за историскиот пласман во Лига на шампиони после речиси пола век.
Данците се препознатливи по големата борбеност, истрајност и дисциплина, така што противниците во групата не смеат ни да помислат дека ќе им биде лесно со скандинавската селекција.
Можен состав: Шмајхел - Кјер, Андерсен, Кристенсен - Меле, Дилејни, Ериксен, Хејбјерг, Кристиансен, Хејлунд, Винд.
СРБИЈА
Србија за разлика од квалификациите за Светско првенство кога ја шокираше Португалија на Роналдо на гости, овојпат едвај се протна „низ иглени уши“ во трката за Евро 2024.
Србите беа во најслабата можна квалификациска група со Унгарија, Бугарија, Црна Гора и Литванија, но и во таква констелација немаа раат буквално до последните минути од последното коло. На крај се пласираа како втори во група зад Унгарија.
Најдобар стрелец во квалификациите а и најдобар стрелец во историјата на оваа репрезентација е Александар Митровиќ од Ал Хилал со 5 гола. Митрогол беше и прв стрелец во саудиската лига. Најдобар асистент во квалификациите беше капитенот Душан Тадиќ со 4 асистенции.
Србија во рамки на подготовки за Европското загуби од Австрија (2:1) во Виена и ја победи Шведска на гости 0:3.
Најголема маана на оваа селекција е одбраната со тројца позади која што упорно и тврдоглаво ја форсира селекторот Драган Стојковиќ - Пикси. Србија прима најмалку по гол од речиси сите свои противници а беа и едни од ретките кои на Мундијалски меч после водство од 3:1 примија два гола од контри.
Може да се каже дека Србија има најголем избор на голмани затоа што сите троица бранат стандардно во одлични клубови (Челси, Торино, Мајорка) но за делот пред нив во одбраната не може да се каже такво нешто. Освен Никола Миленковиќ од Фиорентина, ниту еден друг стопер и бек не е стандарден во својот тим. Покрај Миленковиќ како стопери би требало да играат уште и Милош Вељовиќ (Вердер Бремен) и Срѓан Бабиќ (Спартак Москва).
Во средниот ред тука се веќе стандардно просечните Немања Гудељ, Никола Максимовиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Андрија Живковиќ, Мијат Гачиновиќ, Иван Илиќ но и Вељко Бирманчевиќ кој имаше сјајна сезона во Спарта Прага и беше прогласен за најдобар играч во чешката лига.
Во нападот тандем ќе бидат Митровиќ-Влаховиќ а од клупа своја шанса ќе чекаат Лука Јовиќ од Милан и Петар Ратков од Ред Бул Салцбург.
Можен состав:
Вања Милинковиќ-Савиќ-Миленковиќ, Бабиќ, Павловиќ - Гудељ, Максимовиќ, Живковиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Костиќ, Влаховиќ, Митровиќ.
„Орлите“ се пласираа на Европско првенство првпат после цели 24 години, а автор на последниот гол за Србија и Црна Гора на Евро 2000 беше Саво Милошевиќ.
АНГЛИЈА
Англичаните самоуверено го освоија првото место во групата со Италија, Украина, Македонија и Малта. Имаа гол разлика +18 и само четири изгубени бода. На сите шест победнички меча гол даваше Хари Кејн кој е најдобар стрелец на Англија во квалификациите.
„Гордиот Албион“ повторно ја напаѓа шампионската титула која за влакно им избега на нивниот „Вембли“ во 2021-ва година против Италија кога водеа 1-0 па изгубија на пенали.
Доаѓаат во Германија како фаворит број 1. Имаат пеколен состав на сите позиции, единствено малку во одбраната можеби шкрипи поради разни отсуства.
Брзите, експлозивни напади е препознатлив знак и главно оружје на Англија со Саутгејт. Имаат мобилни, брзи крила, разновидност на Кејн како и страшно трио плејмејкери од кои не се знае кој од кој е поопасен: Фоден-Белингем-Палмер.
Слаба точка можеби им е одбраната која прими гол и од Исланд во последната генералка пред Европското кога изгубија 0:1 и добија свирежи на „Вембли“.
Што се однесува до селекторот Гарет Саутгејт, тој ја води Англија од есента 2016-та кога го замени времешниот Сем Алардајс. Саутгејт иако е доста критикуван, сепак стана најуспешен англискис електор во ХХI век со пласман во полуфинале на Светско 2018, финале на Евро 2021.
Интересно, Англија е главен фаворит и кај обложувалниците кои и даваат коефицент 4.00 за триумф на Европското првенство 2024. Ова е најмал коефицент за шампион уште од Евро 2012 кога за победа на Шпанците квотата беше 3.75.
Можен состав: Пикфорд - Вокер, Гехи, Стоунс. Трипие - Маину, Рајс - Палмер, Белингем, Фоден - Кејн.
*********************************************
Водич за Европско првенство 2024 - запознавање со Група А