
Група Б
ШПАНИЈА
ХРВАТСКА
ИТАЛИЈА
АЛБАНИЈА
Шпанците освоија прво место во група во квалификации. И покрај поразот во Глазгов, на крајот завршија пред Шкотска и Норвешка на Халанд. Забележаа седум победи и само еден пораз.
„Црвената фурија“ како и во речиси секој спорт на секое големо натпреварување доаѓа со само една цел: злато. Шпанците на Европско пристигнуваат со мешан состав, младост и искуство а најголема надеж имаат во бисерот на Барселона, крилниот напаѓач Ламин Јамал.
Ова секако не е најсилен состав на Шпанија во споредба со оние легендарни од минатото. Од искусните играчи тука се Родри и десниот бек од Реал Мадрид Дани Карвахал. На останатите позиции немаат светска класа како некогаш. Педри не е во идеална форма поради постојани повреди, Гави го пропушта Европското поради повреда.
Во одбраната лидер е 30-годишниот Емерик Лапорт кој игра во Саудиска Арабија а со него во тандем ќе играат или Робен Ле Норман од Реал Сосиедад или Даниел Вивиан од Атлетико Мадрид.
Средниот ред ќе им биде поверен на Родри и Педри а во самиот шпиц борба за место ќе водат Ињаки Вилијамс од Атлетик Билбао, Дани Олмо, како и прекалениот Алваро Мората.
Шпанците со новиот селектор Луис де ла Фуента, 62-годишниот некогашен селектор на младинската репрезентација, се уште го бараат правиот идентитет. Како да немаат решено дали ќе се развиваат на идеи од минатото или ќе тргнат по стилот на Луис Енрике со помал посед на топка и попрагматична игра. Вторава варијанта е пооптимална но шпанската гордост не им дозволува.
Шпанија ќе игра компактно во 4-3-3 со можни претумбации во 4-2-3-1 и 4-4-2..
Интересно во екипата им е и 38-годишниот Хесус Навас кој летово после долги години замина од Севиља. Тој е единствен од генерацијата која доминираше со светскито фудбал. Прв во историја освои Светско првенство, Европско и Лига на Нации.
Можен состав: Симон - Карвахал, Ле Норман, Лапорт, Грималдо - Родри, Педри - Јамал, Олмо, Вилијамс - Мората.
ХРВАТСКА
Хрватите во квалификациите завршија втори зад Турција со триумф во последното коло и така обезбедија директен пласман. Имаа потешкотии со Велс за второто место а на крајот квалификациите ги завршија со пет победи, една нерешена и два порази.
Хрватска прилично безболно прави смена на генерација, макар досега. Модриќ со 38 години повторно ќе ја предводи селекцијата која со него стигна до финале на Светско првенство 2018 и освои бронзен медал на Светско 2022 што е епохален успех.
Марсело Брозовиќ со 31 година игра во Саудиска Арабија, Матео Ковачиќ неодамна премина 30 години а во Германија ќе патува и 35-годишниот Иван Перишиќ кој ја доигрува кариерата во Хајдук. Прави освежувања во селекцијата се Јошко Гвардиол кој блескаше на Мундијалот 2022 и си обезбеди астрономски трансфер во Манчестер Сити, како и 26-годишниот лидер на Волфсбург Ловро Мајер.
Нападот ќе им го предводат Андреј Крамариќ од Хофенхајм, Анте Будимир од Осасуна (сезонава 18 гола) и Бруно Петковиќ од Динамо Загреб.
Хрватите се прагматична и искусна репрезентација. Знаат одлично да се бранат со добра контрола на топка и триаголник на средина на теренот. Ќе играат во формација 4-3-3 со премин на 4-2-3-1 за да ги користат брзите играчи како Лука Иванушец и бисерот на Динамо Мартин Батурина.
Селекторот Златко Далиќ е на клупата од есента 2017-та, а неодамна го продолжи договорот до 2026-та.
Можен состав: Ливаковиќ - Станишиќ, Шутало, Гвардиол, Соса - Модриќ, Брозовиќ, Ковачиќ - Крамариќ, Будимир, Иванушец.
ИТАЛИЈА
Аѕурите како европски шампиони имаа мака во квалификациите и до последно коло до крај се бореа со Украина за второто место кое води на Европско првенство. Прва во нивната група заврши Англија. Во квалификациите Италија имаше 4 победи, две нерешени и два порази.
Лучано Спалети ја започна епохата пост-Манчини. Новиот селектор не го смени драстично стилот на игра, но и составот. Завршија одамна Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи, а Чиро Имобиле веќе не добива повик. Пристигнаа некои нови клинци како најбараниот стопер во Серија А Алесандро Бонџорно од Торино и ѕвездата на Болоња Рикардо Калафиори.
Костурот на тимот го сочинува триото од Интер Бастони-Барела-Фтеези. Федерико Киеза не им е во одлична форма а се очекува стартер во среден ред да биде Жоржињо.
На голот Донарума имаше не баш идеална сезона во ПСЖ, а лидер во напад се очекува да биде шампионот на Лига Европа Џанлука Скамака од Аталанта.
Италија веројатно ќе игра класично со тројца стопери позади. Под водство на Спалети се повеќе сакаат посед на топка а многу очекуваат од капитенот на Рома Лоренцо Пелегрини.
Спалети беше архитект на шампионскиот Наполи и неретко зборуваше како сонува еден ден да работи во репрезентацијата. За разлика од Манчини, тој поголем акцент става на физикалии, на трка, на борба и дуели.
Во квалификациите не блескаа, напротив, но Спалети најави дека ќе има тактички експерименти додека не го најде правиот рецепт. На Европско првенство нема да оди Мануел Локатели но повикан е Николо Фаџоли кој ја одлежи седум-месечната суспензија за нелегално обложување.
Можен состав: Донарума - Дармиан, Манчини, Бастони - Ди Лоренцо, Барела, Жоржињо, Димарко - Кјеза, Пелегрини - Скамака.
АЛБАНИЈА
Албанците одиграа беспрекорни квалификации и по ред ги победуваа силните Чешка и Полска. Завршија со четири победи и три порази, а во последното коло ја добија и незгодната Молдавија која претходно ја совлада Полска и беше во налет.
Албанија втор пат во историјата се пласираа на Евро 2024 (првпат во 2016). Имаат неколку веќе созреани играчи од кои најпознати се Кристијан Аслани, важен штраф од шампионски Интер, Армандо Броја од Челси и Реј Манај кој порасна во системот на Интер и Барселона. Берат Џимшити важи за важна карика во Аталанта на Гасперини.
Во составот им е и искуснито десен бек Елсеид Хисај, на гол ќе биде стариот добар Томас Стракоша од Брентфорд. Нападот им го предводи некогашниот фудбалер на скопски Вардар Јасир Асани кој блескаше во квалификациите и беше прв стрелец на селекцијата предводена од легендарниот бразилски бек од Барселона, Силвињо.
Стилот на игра им е низок блок, цврста дефанзива и се потпираат на контранапади од брзите крилни напаѓачи. Репрезентацијата на Албанија нема проблем да паркира автобус пред својот гол и така може да се брани со часови. Играат во формација 4-1-4-1 и во 4-2-3-1 со висок центарфор.
Силвињо, селекторот кој им донесе голем историски успех, на времето играше за Арсенал, Барселона и Манчестер Сити. Беше едно време тренер во Лион и Коринтијанс а со Албанија направи најголем успех. Атмосферата велат во соблекувална и на трибини е никогаш подобра.
Во стручниот штаб на Албанија е и 38-годишниот Пабло Забалета кој едно време беше капитен на Манчестер Сити и ја заврши кариерата во 2020-та. Ова е негово прво тренерско искуство. Во штабот со Силвињо е и Бразилецот Дарива кој беше дел од репрезентацијата на Бразил во 1998-ма а играше уште и за Порто и Селта.
Речиси е сигурно дека Албанија има капацитет да ги замрси сметките на некој од големите фаворити: Шпанија, Италија и Хрватска.
Можен состав: Стракоша - Балиу, Кумбула, Џимшити, Митај - Рамадани, Аслани - Асани, Гјасуља, Бајрами - Манај.
Водич за Европско првенство 2024 - запознавање со сите репрезентации: Група А