Водич за Европско првенство 2024 - запознавање со сите репрезентации

Од 14-ти јуни до 14-ти јули во една од најфудбалските земји на светот, Германија, ќе се игра Европско првенство 2024. Одиме по ред со запознавање со најдобрите селекции на континентот кои обезбедија пласман. Почнувајќи од денес, во следните денови ќе се сретнеме со секоја група на Евро 2024.

Група А

Германија
Шкотска
Унгарија
Швајцарија

ГЕРМАНИЈА

Германците планираат убаво збогување на легендарниот Тони Крос од репрезентацијата. Маестралниот фудбалер кој има рекордни шест титули во Лига на шампиони (5 со Реал Мадрид и 1 со Баерн Минхен), најави дека се збогува со фудбалот по крајот на Европското во неговата земја.

Главни носители на играта на Германија се 21-годишните Флоријан Виртц и Џамал Мусиала. Селектор од неодамна им е младиот Јулиан Нагелсман кој ќе треба рецептурата од клупски фудбал да ја префрли во репрезентативен.

Нагелсман (36) се реши да не ги повикува искусните Матс Хумелс, Јулиан Брандт и Леон Горецка. Германците ќе играат напаѓачки фудбал, а во составот имаат дури четворица фудбалери од најголемото изненадување сезонава, тимот на Штутгарт: стоперот Валдемар Антон, левиот бек Максимилијан Мителштадт, левото крило Крис Фирих и шпицот Дениз Ундав.

Идеален состав: Нојер - Мителштадт, Та, Ридигер, Кимих, Андрих, Крос, Виртц, Гундоган, Мусиала - Хавертц.

Прв фаворит се да поминат група, а трет според обложувалниците да освојат Евро 2024.

ШКОТСКА

Шкотланѓаните дојдоа на Европско како втори во квалификациска група, зад Шпанија. Имаа дури пет победи на стартот на квалификации па дури и со 2:0 ги совладаа Шпанците. На крајот Шкотска падна во форма, но и избегаа на Норвешка 6 бода и ги оставија Ерлинг Халанд и Мартин Едегор без Евро 2024.

Шкотска никогаш не поминала група на големите меѓународни турнири, Евро 2024 ќе им биде голема шанса поради добри резултати во квалификациите. Ова ќе им биде четврто Европско во историјата на земјата. Селектор им е Стив Кларк кој се реши цели квалификации да ги игра со 5 играчи позади во одбрана но после повредите на клучните играчи преминаа на 4.

Играат класичен британски фудбал со досаден пресинг по целиот терен а физички се одлично спремни. Им фали искуство на вакви турнири и сигурно помала класа од ривалите.

60-годишниот Стив Кларк е селектор уште од 2019-та кога ја однесе репрезентацијата на Европско 2020 после баражот. Главен играч и капитен им е левиот бек на Ливерпул Робертсон. Со Кларк како селектор успеаа да завршат и први во група во Лига Нации. Тој силно ја изменил репрезентацијата па така од неговито дебитантски меч до сега останале само седум играчи. Сите други се нови.

Покрај Енди Робертсон, многу очекуваат и од Скот Мектоминеј, човекот кој сезонава даде еден куп голови во судиско продолжение за Манчестер Јунајтед. Беше ровит поради повреда но сега е спремен да и помогне на „Тартан армија“.

УНГАРИЈА

Унгарците одиграа идеални квалификации без ниту еден пораз иако беа во прилично просечна група каде Србија им беше главен ривал. Унгарија имаше пет победи и три нерешени а дури два пати ја победи соседна Србија и дома и на гости.

Селектор им е Италијанецот Марко Роси кој ги водеше и до историски триумф над Англија на гости од 0:4 во Лига Нации во 2022-ра година.

Лидер им е 23-годишниот Доминик Собослаи (во квалификациите имаше 4 гола и 4 асистенции) од Ливерпул. Покрај него, важен играч им е и Вили Орбан кој праткично „држи монопол“ во одбраната и покрива повеќе позиции.

Унгарците немаат пораз речиси две години, уште од септември 2022-ра кога изгубиле 0:2 од Италија.

Од тогаш досега забележија девет победи и пет нерешени. Во ноември 2023-та за малку ќе изгубеа од отпишаната Бугарија но во последни секунди се спасија и извадија реми 2:2. Карактерна црта на селекцијата е што често во самиот финиш знае да извади поволен резултат.

Играат во формација 3-4-3 со можни варијации. Основа им е тимска работа која што компензира отсуства на суперѕвезди. Можен проблем им е недостигот на искуство и класа како што е отсутно и кај Шкотите.

Селекторот Марко Роси (58) ја презеде Унгарија во 2018-та и од просечна репрезентација направи селекција за респект. На Евро 2020-та играа нерешено со силните Франција и Германија но не влегоа во плејоф поради сложениот систем на бодување поради кој понатаму отиде Португалија.

На Светското 2022 Унгарците не отидоа но затоа во Лига Нации ја згромија два пати Англија од кои еднаш 0:4 на гости и освоија 4 бода со Германија.

Можен состав: Гулачи - Ланг, Дардаи, Орбан - Керкез, Наѓ, Шефер, Него - Шалаи, Собослаи - Варга.

ШВАЈЦАРИЈА

Швајцарците за разлика од претходните квалификациски циклуси кога прилично лесно обезбедуваа пласман, овојпат поминаа како втори, зад изненадувањето Романија која беше прва и која во последното коло со 1:0 ја совлада токму Швајцарија во Букурешт. Швајцарците на преостанатите натпревари имаа четири победи и пет нерешени средби.

Швајцарија во последно време игра топло-ладно па така забележаа само еден триумф од септември 2023-та. Во последниот период одиграа блед крај на квалифиакциие, ремизираа со Данска и со скромен триумф од 1:0 над Ирска одат на Европско без голем оптимизам.

Но кадровски проблеми непаат. Сите лидери на селекцијата се тука. Швајцарија е спој на млади и искусни играчи. Тука е ветеранот Јан Зомер кој бранеше фантастично за шампионот Интер сезонава, тука е стоперот Мануел Аканџи кој блескаше во Манчестер Сити, ветеранот Ѓердан Шаќири како и шпицот Брел Емболо. Плус старите познаници Стивен Цубер и Гранит Џака.

Швајцарија често играше со четворица играчи во одбрана а на последните два меча пробаа со тројца стопери. Станува збор за стабилна репрезентација, способна да победи секого, но знае да прими и три гола од Белорусија (во октомври 2023-та).

Селектор им е Мурат Јакин кој ја води Швајцарија од 2021-ва година и ова ќе му биде втор голем турнир по Светското 2022 кога ги одведе во баражот каде примија шест од страшната Португалија.

На поширокиот список Јакин повикал првично 38 фудбалери но на крајот избрал 26 колку што дава можност УЕФА.

Можен состав: Зомер - Шер, Аканџи, Елведи - Видмер, Џака, Фројлер, Ндоје - Шакири, Дуа, Варгас.

10 јуни 2024 - 12:15