Водич за Европско првенство 2024 - запознавање со Група Д

Групата Д сосема сигурно ќе донесе некои интересни дуели со оглед на тоа што во неа се светскиот шампион од 2018 и светски вицешампион од 2022 Франција како и Холандија.

Група Д

ПОЛСКА
ХОЛАНДИЈА
АВСТРИЈА
ФРАНЦИЈА

ПОЛСКА

Полјаците по којзнае кој пат преку бараж се квалификуваа на некое големо натпреварување. И овојпат се извадија на пенали против Велс а кобниот пенал за Велшаните го промаши Даниел Џејмс.

Полска доаѓа на Еуро2024 речиси во идентичен состав од оној кој играше слабо и немоќно на Светското првенство 2022 во Катар.

Во квалификациите Левандовски и другарите загубија од Албанија и Молдавија и покажаа дека знаат да бидат ранливи иако на крајот завршија први во група.

Ова Европско со сигурно ќе биде последен голем турнир на ветеранот Роберт Левандовски. Екипата не игра некој атрактивен фудбал а во последно време носител на играта им е Пшемислав Франковски од француски Ланс. Овој крилен напаѓач постигна гол во полуфинале од баражот против Естонија а и претходно блескаше во квалификациите.

Полска кубури со брзина и слабо игра во позиционен напад, но тоа го надоместува со физички борбена игра, дуели и позициона одбрана.

Селектор им е Михал Пробеж кој 19 години е во тренерските води. Три месеци од ноември 2011-та до јануари 2012-та играл и во грчки Арис, но најголемите успеси ги има во татковината: освоил два Купа и Суперкупа на Полска (со Јагелонија во 2010-та и со Краковија во 2020-та).

Пред да стане селектор тој одлично ги водел младинците У-21 кои ги квалификувал на Европско првенству У-21 и таму забележиле две победи. 

Покрај Левандовски, легенда на оваа генерација е и Воичех Шчесни, голманот кој брани за Полска од 2009-та година и има 81 настап (34 без примен гол, 77 примени гола).

Левандовски најверојатно ќе мирува на првиот меч од групната фаза поради лесна повреда. Тој две сезони по ред има 25+ голови во Барселона, но за Полска никако да заигра на тоа ниво и во баражите имаше 0 голови. Играта на Полска во голема мера зависи и од расположението на Пјотр Зелински.

Можен состав: Шчесни - Беднарек, Давидович, Кивиор - Франковски, Петровски, Слиш, Зјелински, Залевски, Свидерски, Левандовски.

ХОЛАНДИЈА

Холанѓаните успешно ги минаа квалификациите за Европско но му ја мислеа до последно коло кога ја совладаа Ирска 1:0 со голот на високиот Ваут Вегхорст. Во квалификациите два пати изгубија од Французите (1:2 и 4:0) но забележаа победи на сите останати шест меча.

Интересно сега пак паднаа на Еуро2024 во група против Французите.

По сè изгледа дека „лалињата“ полека ја пребродеа кризата во која со години беа западнати и се враќаат во самиот крем. Селектор им е Роналд Куман кој пред две ипол години ја остави Барселона на 9. место на табела само за да стане селектор на Холандија.

По евро-квалификациите ги совладаа Шкотска (4:0) и Германија (1:2). Одбраната им е составена од врвни имиња како Матеис де Лихт (Баерн Минхен), Вирџил ван Дајк (Ливерпул), Натан Аке (Манчестер Сити) и Џереми Фримпонг (Баер Леверкузен).

Холандија не игра активен пресинг како некогаш, особено не против топ репрезентациите. На крилни позиции им е сконцентрирана целата моќ на репрезентацијата: Дензел Думфрис, Хави Симонс, Коди Гакпо...

Селекторот Роналд Куман веќе со години е критикуван поради слаби резултати на повеќе места каде работеше. Во летото 2023-та тој запишал три порази на четири меча по враќањето на клупата на репрезентацијата (Ван Гал претходно имаше само 6 порази на 63 меча).

Но во квалификациите се консолидираа, заиграа добро и освен почетниот дебакл од Франција на стартот другото го поминаа успешно. Куман ја тренираше Холандија и од 2018 до 2020-та кога отиде во Барсеона па се врати. Ја водеше селекцијата на ЕУро 2020 и во финалето на Лига Нации каде изгубија 0:1 од Португалија.

Најмногу надеж Холандија полага во Хави Симонс, бисерот кој се брусеше во школите на Барселона и ПСЖ па сега е главен играч на германски РД Лајпциг. Хави Симонс сезонава во Бундеслига имаше 8 гола и 11 асистенции. Планиран е да почнвуа од почеток затоа што толку голови како него сезонава дале само уште Мемфис Депај, Ваут Вегхорст и Брајан Броби.

Можен состав: Вербриген, Де Лихт, Ван Дајк, Аке - Думфрис, Шутен, Верман, Хави Симонс, Рејндерс, Гакпо, Депај.

АВСТРИЈА

Репрезентација предводена од искусниот стар лисец Ралф Рагник кој самоуверено ги однесе на Европско првенство со само еден бод помалку од лидерот Белгија од кого го претрпеа единствениот пораз во групата (3:2). Со шест победи и само една нерешена Австријците одгираа идеални квалификации и доаѓаат многу спремни во Германија.

Интересно и покрај тоа што Баерн Минхен му нудел раскошен договор и одвразни раце за трансфери, Рагник не сакал да ја остави Австрија пред Европско првенство.

Австријците во ноември 2023-та ја совладаа и Германија во пријателски меч (2:0) а после тоа до врв ја наполнија и мрежата на Турците со што покажаа дека се кадарни за големи дела.

Потписот на Ралф Рагник кој едно време беше тренер и на Манчестер Јунајтед се гледа во високиот пресинг но најчесто против послаби ривали. Против топ екипите често се повлекуваат на своја половина и одат на контри и полуконтри.

Цел им е пласман во следна фаза. Во стручниот штаб селекторот Рагник го викнал и Давид Алаба од Реал Мадрид кој се уште се опоравува од повредата во декември 2023-та против Виљареал кога му страдале лигаменти

Најмногу очекуваат од централниот везен играч во средина Конрад Лајмер (најскап во селекцијата со вредност од 28 милиони евра, игра во Баерн Минхен). Очекувања Австријците имаат и од Марко Арнаутовиќ, од Кевин Дансо од Ланс и од финалистот на Лига на шампиони Марсел Забитцер.

ФРАНЦИЈА

Што да се каже за светската фудбалска сила а да не е веќе кажано?

Французите се квалификуваа на беспрекорен начин на Еуро 2024 со само едно реми 2:2 против Грција во последното коло кога беше јасно дека ќе бидат први. Имаа 7 победи од кои и една за Гинисов рекорд против Гибралтар од 14:0.

Триколорите на првата пријателска средба годинава изгубија 0:2 од Германија, после одиграа тежок меч со Чиле и едвај победија 3:2. Тоа беше сигнал за селекторот Дешан да ги заврати ракавите и да се фаќа за работа.

Франција ја краси прагматична формација и игра на резултат. Не го менуваат стилот и се меѓу фаворитите за титулата. Дешам стана светски шампион со Франција во 2018, стигнаа до финале на Еуро 2016 и Светско 2022 но несреќно ги загубија и двете, првото на продолженија второто на пенали. Сега конечно сакаат пак да освојат Европско.

Најголеми ѕвезди им се Килијан Мбапе и Антуан Гризман. Мбапе обезбеди преселба во Реал Мадрид, потпиша договор и сега ќе може да игра растеретено. Гризман притоа е неверојатен голгетер кој блескаше на Европско првенство 2016 (прв стрелец со шест гола), на Светско 2022 имаше 3 гола и 4 асистенции а на Европско 2021 беше без голови кога испаднаа во 1/8 финале од Швајцарија.

Заедно со нив двајца ривалите ќе ги торпедираат уште и крилниот напаѓач Усман Дембеле и ветеранот кој маестрално играше во Милан Оливие Жиру.

Можен состав: Мењан - Павар, Конате, Салиба, Тео Ернандез - Чуамени, Камавинга - Гризман - Дембеле, Жиру, Мбапе.

************************************************************

Водич за Европско првенство 2024 - запознавање со сите репрезентации - Група А

Водич за Европско првенство 2024 - Група Б

Водич за Европско првенство 2024 - запознавање со група Ц

13 јуни 2024 - 11:32