Артемио Франки е препознатливиот дом на Виолетовите каде во недела вечер гостува Јувентус, меч кој важи за еден од најжестоките во Италија. Додека средбата се очекува да понуди добар фудбал, гостинските навивачи ќе се соочат со непријателски прием.
Иако не се работи за географско дерби, атмосферата предизвикана од нивното ривалство е позната. Навивачите на Фиорентина се секогаш “обвинети“ од страна на своите ривали уште пред натпреварот, додека витрините полни со трофеи на Старата дама создаваат апатија во спротивниот табор.
Гледано од страна, изгледа дека ова ривалство е создадено од чиста љубомора. Во последните пет години сите Скудета ги освои Јувентус, а исто и два Купови на Италија и три Супер Купови, додека Фиорентина не освои ништо.
За да се разбере позадината на ривалството можеби е потребно да се разгледаат разликите помеѓу стадионите на двата клуба.
Една стара поговорка вели „Ако можат да зборуваат ѕидовите“. Ако тоа може да се случи, тогаш на Артемио Франки може да раскаже некои приказни од историјата. Изграден е во 1931 година и сè она што го испишал клубот како историја се случило на тоа место. Од двете титули во 1956-та и 1969-та, па се до тивката ера на Габриел Батистута.
Ова несомнено се одразува во страсната атмосфера внатре на стадион каде историјата е толку присутна што човек може да ја почувствува кога е таму. Кај стадионот на Јувентус историјата е сосема спротивна. Овој модерен стадион е отворен во 2011-та и на клубот му носи приходи кои му овозможуваат да се натпреварува во Лига на шампиони.
Фиорентина се обиде и не успеа со години да изгради нов стадион, поради разни проблеми со локалните власти, бирократијата и политиката. За истата работа може да се пожали и Рома, а токму поради тие пречки Масимо Челино го продаде Каљари. Јувентус стадиум требаше да биде почеток на една нова ера за стадионите во Серија А, но ги остави другите децении назад.
Потребна е само една прошетка низ ходниците на двата стадиони за да се разбере разликата меѓу двата клуба. По должината на патеката има слики на 50 ѕвезди во славниот црно-бел дрес. Новите стадиони често знаат да бидат без душа, но во овој случај Јувентус се гордее со својата богата историја и со листа на играчи за кои навивачите на Фиорентина може само да сонуваат.
Но Виолетовите не се јадат со нив за тој вид на успех. Нивни херои се оние кои имаат тенденција да останат верни на клубот, кога нема да паднат во искушенија како што се парите и успесите на друго место. Оваа недела, Борха Валеро изјави дека би останал вечно во Фиренца, па дури и по завршување на кариерата.
Изјава како оваа влегува во срцата на навивачите и на тој начин тој гордо се поврзува со нивниот град. Но еден фудбалски клуб не може да направи спомени без успех и клучот на омразата на Јувентус се наоѓа во една од тие претходно споменати ѕвезди.
Постигна 39 гола на 94 средби за Фиорентина и во 1990-та по пет години престој, Роберто Баџо замина во Јувентус. На улиците во Фиренца имаше немири, бидејќи тоа што нивниот клуб успеал да направи светски рекорден трансфер не им е никаква утеха.
Во него гледаат херој и тоа е еден од моментите за постоењето на нивното ривалство. Вториот е уште постар и датира од 1982-ра кога се случи она контроверзно “крадење“ на Скудетото. Навивачите на Фиорентина ги прифаќаат успесите на Јувентус, но не можат да им простат дека “крадци“ од Торино им ја одземале шансата за нешто да слават.