Во Париз една фудбалерка ѝ наместила ќотек на другарка, за да ѝ земе место во тимот

Просто неверојатна драматична епизода доаѓа од женскиот тим на Пари Сен Жермен. Ова како на филм.

Додека целиот фокус во машкиот ПСЖ е да му се најде оптимално место на Лионел Меси и се решаваат некои позиции во екипата како одминува сезоната, во женскиот тим на Пари Сен Жермен се разгореле опасни страсти во борбата за место во тимот.

На 4 ноември се случил еден сериозен физички напад врз една фудбалерка. Двајца маскирани машки лица ја извадиле Хејра Хамрауи од нејзината кола и ја претепале. Најголем дел од повредите ѝ ги нанеле со метални шипки по нозете. А нејзината соиграчка од екипата која во моментот била во колата, Амината Диало само ја заплашиле и ѝ се заканиле.

На несреќната Хејра ништо не ѝ украле а сведоците изјавиле дека набилданите маскирани лица ја удирале само по нозе. Хамрауи завршила во болница каде останала неколку дена и го пропуштила мечот од женската Лига на шампиони против Реал Мадрид.

Поминале неколку дена, а полицијата веќе привела неколку осомничени лица за нападот. По распит се испоставило дека главен налогодавец на нападот на Хамрауи била нејзината согирачка од ПСЖ, Амината Диало.

Девојките играат на иста позиција и на првиот меч со Реал Мадрид во ЛШ, Хамрауи имала предност во однос на Диало и играла во стартниот состав. Токму местото во тимот станало причина за конфликтот меѓу репрезентативките на Франција.

Како што пишува реномираниот L’Equipe, во средата Амината била приведена и испитувана. RMC пишува дека последните недели на неколку фудбалерки на парискиот гигант им биле упатувани закани, а семејството на Хамрауи било во шок кога дознало дека Диало е вмешана во страшниот физички напад на маскирани лица, затоа што девојките се дружеле на дневна база и дури заедно оделе на летен одмор.

ПСЖ излезе со официјално соопштение:

„Клубот потврдува дека Амината Диало е приведена поради организација на физички напад на играч на ПСЖ. Клубот ќе ги преземе сите можни мерки на безбедност и здравје на сите во женскиот клуб. ПСЖ соработува со полицијата, за да се утврдат фактите. Внимателно го следиме развојот на настанот и чекаме да видиме какви дејствија ќе се преземат“.

Хамрауи е дете на ПСЖ, а во меѓувреме играла и за Лион и за Барселона. 3 пати ја освоила женската Лига на шампиони. Летово се вратила во ПСЖ.

11 ноември 2021 - 10:00