Во минатото резултати се следеле со гулаби писмоносци, а хит станаа транзисторите

Повозрасните фудбалски гурмани ќе се сетат како на времето (многу честа појава кај нас) на стадион имаше по некој чичко со транзистор во рака. Грицка семки и слуша пренос од други натпревари или од оној што го гледа ама не го догледува убаво од високо. Какви убави и искрени времиња.

Понекогаш ниту најпознатите и најубави стадиони на светот не ви гарантираат идеален поглед од трибините.

Фудбалот е прекрасен со публика и живописна атмосфера. Луѓето до крај ги полнат стадионите, пеат, свират, скокаат и прават сјаен амбиент па понекогаш тоа што се случува на терен оди во втор план.

Но има и многу стадиони кои имаат не баш идеални места за гледање фудбал. Пример на стариот „Енфилд“ пред реконструкцијата имало места од каде тешко се гледало што се случува на терен зошто пола терен бил попречен од конструкции кои го држат кровот.

Во мај 2017-та година Тотенхем го одигра последниот меч на култниот „Вајт Харт Лејн“ и тогаш можеби најсреќен беше еден сезонец на Спарси кој напиша на лист: „Драг столбу. Ти благодарам за (пропуштените) спомени. 4 февруари 2007 - 14 мај 2017, напишал на лист кој го залепил за конструкцијата која цела деценија му сметала да гледа што се случува на теренот.

На стариот добар „Лужники“ во Москва поради голема оддалеченост на трибините и нискиот агол, навивачите од најгорните сектори едвај ја гледале топката, па следење што се случува на терен можело само со двоглед. Тоа не сметало на овој легендарен стадион во 1958-ма да се соберат 110.000 гледачи на меч од Купот на СССР меѓу Спартак Москва и Торпедо.

Во 2008-ма на истиот стадион се играше епско финале на Лига на шампиони пред 67.000 гледачи. Речиси сите топ стадиони во Велика Британија: „Енфилд Роуд“, „Стемфорд Бриџ“, „Олд Трафорд“, „Ајброк“, „Гудисон Парк“ во минатото ги проектирал шкотскиот архитект Аричбалд Литч.

Со оглед на отсуство на компјутерски програми во минатото, невозможно било да се проучи погледот од секое место, од секое седиште па затоа имал несклад со столбови. Кај најголемите стадиони проблем е што погледот од горните точки е замаглен, дури и ако нема конструкции кои го попречуваат погледот. Уште потешко е ако стадионот има и атлетска тартан стаза покрај теренот. Како на пример стадионот во Берлин:

На навивачите овие потешкотии со конструкции пред нив никогаш не им сметале. Тие наоѓале начин да уживаат, дури и со радио (неретко и на македонските стадиони во минатото сме гледале мајстори на занаетот со радивце на уво и слушаат пренос од мечот кој го гледаат во живо).

ПРЕД МОДЕРНАТА ЕРА НА СМАРТФОНИ, НА СТАДИОНИ ВО ДАЛЕЧНО МИНАТО СЕ ПРАЌАЛЕ РЕЗУЛТАТИ ПО ГУЛАБИ ПИСМОНОСЦИ, А СЕ СЛУШАА И ТРАНЗИСТОРИ

Замислете денес еден фудбалски стадион без смартфони. Или моменти кога гледате важен меч на вашиот тим а во истовреме паралелно игра главниот конкурент. Што ќе правите? Секако зависи од епохата во која сте или сте биле.

На почетокот на ХХ век, верувале или не, имало случаи кога двајца пријатели на различен стадион оделе со гулаби носачи и праќале пораки ако оддалеченоста не е голема (по можност голубарник да е во близина).

Во 1915-та година на игралиштето на Ривер Плејт во Аргентина стоел плакат со резултат на натпревари одиграни километри подалеку. Близу стадионот имало голубарник. Работниците оделе на натпревар со птици во корпа. Кога една од екипите давала гол, човекот на стадион му давал лист на гулабот кој прелетувал надвор од игралиштето и информациите на плакатите брзо се обновувале. Сличен принцип користеле и спортски новинари.

Британскиот репортер Би Џеј Еванс во 1990-те години следел натпревари од пониските лиги а до терените стигнувал со велосипед на кој имало два гулаби во кутија. На крајот од секое полувреме на птиците им врзувал врвче со резултатот и птиците оделе до самиот град каде им бил голубарникот и таму останатите новинари ги читале пораките од мечот.

Веќе во '50-те и '60-те години се појавија култните транзистори на кои се слушаа преноси од другите натпревари. Транзистори се носеа на трибини со цел да се следат резултати од паралелните натпревари или ако погледот е слаб, да се слуша пренос од мечот што се гледа во живо.

Легендарно.

ПОЈАВА НА ДВОГЛЕД НА СТАДИОНИ, НАЈВАЖНО БИЛО ДА НЕ ВЕ СМЕТААТ ЗА ШПИОН

Во 2013-та година во Бразил се играше Купот на Конфедерации, како подготовка за големиот Мундијал следната 2014.

Четворица другари од Рио де Жанеиро преку интернет купувале карти но системот автоматски им избрал места на разни делови од стадионот. Еве кое место му се паднало на еден од нив:

„Ова е многу далеку од теренот. Јас се мислам дури и да си понесам двоглед за да го следам мечот. Знам луѓе кои помалку пари дадоа за карта ама добија место со подобар поглед. Како е можно тоа“, се прашувал еден од Бразилците.

На крај решил да најде двоглед и полесно да гледа фудбал од далеку.

Но двогледот често знае да биде толкуван и како симбол на шпионажа. Во Англија во 2019-та година изби голем скандал.

Пред големиот меч меѓу ривалите кои се бореа за влез во Премиер лига, Дерби и Лидс Јунајтед, вработен во Лидс на барање на тренерот Марсело Бјелса со двоглед набљудувал тренинг на противникот.

Шпионот приметил дека најдобриот стрелец на Дерби, Хари Вилсон нема да игра зошто не се спрема на генералниот тренинг со првите 11. Лидс го совлада Дерби а Френ Лампард кој беше тренер на Дерби беше бесен како рис после шпионажата на негов тренинг.

Во декември 2020-та камерите уловија еден симпатичен кадар, човек дошол на мечот Челси - Лидс Јунајтед со двоглед и униформирана облека.