На 31 декември во дворот на локалниот затвор се играл пријателски фудбалски меч меѓу членови од наркокартелите Зетас и Гулф. Мечот почнал околу 14 часот по локално време, но после половина час бил прекинат.
Затворениците се скарале поради еден груб фаул. Караницата се претворила во масовна тепачка а потоа и во опасен хаос: играчите и оние кои ги гледале почнале да пукаат од огнено оружје, користеле ножеви, фрлале камења.
Во затворот веднаш интервенирала националната гуардиа и 20 полицајци. За 2,5 часа бунтот бил задушен.
Но епилогот на хаосот бил трагичен: 15 затвореници умреле на лице место, еден умрел во болница како резултат на повредите, а петмина ранети завршиле во болница. Меѓу чуварите и полицајците немало повредени.
Според министерот за јавна безбедност на државата Закатекас во Мексико, Исмаел Камберос, во деталната акција по ќелиите ден претходно, на 30 декември, биле пронајдени: 17 ножа, пила, 3 пара ножици, 2 молотови коктели и 77 пакетчиња марихуана.
А на 31-ви во нова акција одново било пронајдено оружје. Исмаел Камберос вели дека тоа е доставено за време на посетите на роднините:
„Ќе спроведеме внатрешна истрага. Кај затворениците се појави оружје и тоа значи дека некој од нашите вработени го допуштил тоа“, додал министерот Камберос.
Мексиканското издание La Jornada пишува дека некои затвореници планирале бегство и сакале да го искористат пријателскиот фудбалски натпревар за бунт во затворот.
Клановите Зетас и Гулф се најголеми нарко-картели во Мексико. Зетас до 2002 година биле дел од Гулф, но подоцна се одвоиле и тоа довело до војна меѓу картелите. Бандите се вмешани и во меѓународен шверц на наркотици. Во Мексико нивни членови се обвинети за убиства, киднапирања и уцени.