Фудбалскиот клуб Каљари на почетокот на сезоната натпреварите ги одигра на стариот стадион Сант Елија додека се реновираше Ис Аренас за да ги задоволи критериумите на Серија А. Реновираниот стадион има 16.200 седишта, но ниту едно со број 17.
Бројот 17 во Италија се смета за малерозен. Кога ќе се напише со римски цифри, бројот 17 е XVII, а ако се смени анаграмски, се добива VIXI. Тоа Италијанците ги асоцира на латинската фраза која се преведува како „Јас живеев", односно „Мојот живот заврши".
Токму затоа Италијанците не го сакаат бројот 17. Многу згради во Италија немаат 17-ти кат, моделот R17 на Рено во Италија се продава како R177, а во авионите на Алиталиа нема седиште со број 17.
И суеверниот претседател на Каљари, Масимо Челино се одлучи да го избегне бројот 17, па на реновираниот стадион наместо седиште со тој број, има седиште 16Б.