2019-та е година на голем јубилеј, односно 350 години од смртта на еден од најголемите уметници во историјата, сликарот Рембрант.
Од таа причина, покрај мошне богатата програма (цела година ширум Холандија ќе има настани поврзани со холандската Златна ера од времето на Рембрант - само во Амстердам ќе бидат изложени 22 негови дела и 60 цртежи), за јубилејот да биде збогатен се погрижиле и од холандскиот фудбал.
Дизајнирана е топка на која што има фрагменти од делата на големиот уметник и негови портрети.
Директорот на музејот, Тако Дибитс смета дека изборот на Рембрант во улога на „дизајнер“ е многу интересно решение: „Рембрант бил неверојатен уметник, творец, како и најдобрите играчи од ередивизија (прва холандска лига). Неверојатната креативност се јавува како неизбежен дел од секој оној кој сака да биде запаметен како на терен така и на платно“.
Легендата на холандскиот фудбал и клубот Феенорд, Вим ван Ханегем (сребрен медал од Светското 1974) ја добил првата топка за време на свеченото претставување.
Алекс Тилбеке, шеф на холандската лига рекол: „Рембрант и Ван Ханегем се двајца големи мајстори чии јубилеи славиме годинава. Имено, затоа сакавме за 75-от роденден на Вим да му ја подариме првата топка со фрагменти од делата на Рембрант во најголемиот музеј во земјава“.
Рејксмузеј се наоѓа меѓу топ-20 најпосетени музеи на светот. Главната колекција на овој музеј се дела на холандски уметници, а централно место во него зафаќа ремек-делото „Ноќна стража“ на Рембрант.
Еден од најпознатите холандски сликари умрел пред 350 години, во 1669 година. Рембрант сликал на разна тематика - историска, библиска, митолошка, сликал портрети и пејзажи.
Во 1656 година прогласил банкрот и остатокот од животот го минал во сиромашен еврејски кварт. Денес неговите дела вредат стотици милиони - во 2016 година Портретите во сопственост на Мартен Солманс и Опен Копит биле продадени на аукција за 160 милиони долари.
****
Необичниот фудбал со кој ќе се игра во ередивизија, е со бело-сини бои. На него се претставени фрагменти од делата на Рембрант вклучувајќи ја и сликата „Мелница“ (претставена во Националната галерија во Вашингтон). Тука е и брендот на производителот со неговото лого како и логото на Рејксмузеум.
Derbystar е познат германски бренд кој произведува спортска опрема. Најпознати се по тоа што ја прават официјалната топка со која се игра во Бундеслига и втората Бундеслига (договорот им е на уште три години), а од 2007 соработуваат и со Ередивизија.
За дизајнот на топката наречена Rembrandtball одговарала Ирма Бом - најпознат графички дизајнер во Холандија, лауреат на наградата Гутенберг. Топката своето деби ќе го има во холандската лига на 28 април.
За Холандија ова не е прво вакво смело дизајнерско решение. Во 2017 година топката за холандската лига ја цртал тату-мајстор, извесен Ханк Шифмахер кој ја дизајнирал Brilliantball топката.