Во 1953 година бразилскиот весник Correio da Manhã од Рио де Жанеиро објавил конкурс за новиот дрес на репрезентацијата. Потребно било да ги содржи сите бои на бразилското знаме - жолта, зелена, бела и сина.
А сево ова за да се избават од најтешкиот спортски пораз во земјата на 16 јули 1950 кога Урувај со 1:2 го победил Бразил во финалето на Светското првенство одиграно на „Маракана“.
Тогаш околу 100.000 луѓе на трибините носеле бело затоа што дресот на Бразил бил бел. Целата нација не можела да се опорави од шокот. Бразил требал само да остане непоразен за да стане светски шампион, но изгубил иако водел 1:0. Оваа фудбалска катастрофа во Бразил ја нарекле Maracanazo
***
Дента Алдир Гарсија Шлее имал 15 години. Тој живеел во приграничниот град Рио Гранде де Сол, најужната бразилска држава. 16 јули паѓало во недела, а малиот Алдир ја преминал границата со Уругвај и дошол во Рио Бранко за да во кино гледа филм со американскиот актер Рој Роџерс.
„Наеднаш го прекинаа филмот и сите станавме зошто мислевме дека проекцијата завршила. Наеднаш се создаде голема бука а некој викна: “Заврши мечот на Маракана! Бразил 1 - Уругвај 2. Ние Уругвајците сме Светски шампиони!“
Кога три години подоцна дознал за конкурсот, тој решил да прати една од своите скици кои ги нацртал од забава. Во тоа време тој цртал боенки за деца. Му било невообичаено што мора да се употребат сите четири бои од знамето и не сфаќал како може на еден дрес да има толку бои. Најпосле разбрал дека може да се комбинираат боите меѓу дресот, шорцевите и штуцните.
На почеток направил неколку скици меѓу кои имало и такви со V инспириран од аргентинскиот Велез Сарсфилд но Алдир се откажал од нив.
Во книгата за идентитот на бразилскиот фудбал од авторот Алекс Белос „The Brazilian Way of Life“, Алдир раскажал: „Белата и сината ги ставив на шорцевите. Што остана? Жолта и зелена - овие бои повеќе од сите други одговараат на нашата земја. Значи ќе работиме на нив.“
Меѓу стотици листови и скици се родила бразилската класика Camisa Canarinho - жолт дрес со зелена крагна и ракави, со сини шорцеви и бели штуцни.
На конкурсот се пријавиле 301 кандидат но на крајот победил Алдир чие дело го нарекле најхармонично. Алдир Гарсија Шлее еден ден пред објавата во весникот дознал дека победил: „Помислив: ’Вау! Јас победив! Победив! Ова е лудо!“, раскажал Алдир во документарка во 2012.
Бразилците првпат ги облекле новите дресови во март 1954 година и во оваа комбинација тргнале на Светското во Швјцарија. Таму не го осветлиле образот зошто испаднале од Унгарија во четвртфиналето и Алдир помислил дека дресовите ќе се менуваат пак.
За среќа никој не предложил таква идеја, така на следниот Мундијал во 1958 Пеле и Бразил се појавиле во истите бои. Само што во финалето ги чекал домаќинот Шведска чија опрема историски е цела жолта.
Бразилците немале алтернатива па набавиле сини маички на кои го сошиле грбот. На тој меч се роди феноменот за Пеле - 17-годишното момче кое правеше чуда: даде два гола и намести неколку за историска титула на Бразил.
„Жолтите дресови креирани од Алдир беа толку убави и привлечни што станаа најпознати дресови на светот. Без нив тешко може да се замисли бразилскиот фудбал. Тие се дел од магијата. Жолтата е моќна боја која идеално изгледа кога е светла. Изгледа многу изразена и неповторлива а играчите во жолт дрес изгледаат како фудбалери во златни статуетки. Алдир сметал дека жолтата боја ја означува егзотичноста на Бразил која што доаѓа од Африка. За Европјаните Бразил е исто толку егзотичен.
Комбинацијата на жолта и зелена ги идентификуваат Бразилците дома и во цел свет. На дресот е и грбот кој е смислен во 1889 година при раѓањето на републиката. Зелената ги означува шумите и џунглите, а жолтата симболизира богатство. Со сина боја е нацртан глобусот а се гледаат и бели ѕвезди на ноќното небо над Рио. И другите спортисти од Бразил носат жолта опрема, но фудбалот како ништо друго не им дава чувство на национален идентитет на Бразилците.“, пишува авторот на највредната книга за бразилскиот фудбал, Белос.
Како награда Алдир Шлее добил признание, добил едногодишна пракса во реномираниот Correio da Manhã и можност да патува до Рио де Жанеиро и да биде со репрезентацијата. Но тој брзо се вратил меѓу својот народ во Рио Гранде и продолжил да работи како новинар.
Интересно е што уште од мали нозе навивал и за Уругвај, затоа што бил роден во Жагуарао - местенце на 200 метри од Уругвај. „Требав само да ја поминам границата преку мостот на реката за да видам други луѓе кои зборуваат друг јазик. Многу се идентификував со Уругвај“, ја раскажува иронијата на судбината човекот-творец на најубавиот дрес на светот.
Во неговата канцеларија имало знаменце на Уругвај, слики од Монтевидео и книги на шпански јазик. Тој чуствувал посебна поврзаност со земјата од која го делеле 200 метри.
Алдир Гарсија Шлее почина на 15 ноември, минатиот четврток на една недела пред неговиот 84 роденден. Починал на денот кога пријателска средба играа Бразил и Уругвај. Мечот меѓу двете селекции започна со едноминутен молк во чест на Алдир Шлее.