Вест Хем купува акции во Хајдук Сплит

Менаџерот на Вест Хем, Славен Билиќ ја започна кариерата во дресот на сплитските „Били" и сега покажува дека првата љубов никогаш не се заборава.

Најпријатното изненадување во Премиер лигата после Лестер сезонава е Вест Хем, екипа која ги победи сите фаворити и сериозно се вмеша во борбата за пласман во Лигата на шампионите.
 
Чеканите во меѓувреме решиле да воспостават партнерски односи со Хајдук, а главна спона меѓу двете страни бил Славен Билиќ, поранешниот селектор на Хрватска и играч на Вест Хем, а сега тренер на овој клуб.
 
По натпреварот со Арсенал (3:3) во првата половина од месецов, Билиќ се сретнал со делегатите на Хајдук кои дошле во Лондон на преговори. Сопствениците на Вест Хем се заинтересирани да куапт 5% од акциите на Хајдук и да воспостават однос со овој клуб каков што има Челси со холандскиот Витезе. Во Хајдук би доаѓале на позајмица млади фудбалери на англискиот тим.

Од друга страна, составот од Лондон ќе има „право на првенство“ во купување на талентираните играчи на Хајдук, а веќе се споменува и преселба на репрезентативецот на Хрватска до 19 години, Никола Васиќ.
Директорот на маркетинг на далматинскиот клуб, Аљоша Башиќ потврди дека постојат преговори со комерцијалниот директор на Вест Хем, Фелисити Барнард. „Да, можам да потврдам дека Вест Хем сака да влезе во акционерското учество и структурата на Хајдук, но не се заинтересирани за мнозинска сопственост. Голема заслуга за овие средби носи Славен Билиќ кој половина час по мечот со Арсенал ја прими делегацијата на Хајдук во неговата канцеларија. Неговата харизма ги окуражи луѓето од Вест Хем да ни понудат соработка.“, изјави Башиќ за хрватските медиуми.
Чеканите имале разговори за сличен договор и со ирскиот прволигаш Шамрок Роверс.

Во меѓувреме, првите луѓе на лондонскиот клуб Дејвид Саливен и Дејвид Голд се пожалиле дека биле навредувани на мечот против Лестер минатиот викенд.

„Сакаме Лестер да ја освои титулата во Премиер лига и сме среќни за нивните навивачи, но однесувањето на еден дел од нив е неприфатлив. Аплаудиравме кога еден наш играч излезе од игра кога неколку постари гледачи вербално нè нападнаа", напиша Голд на Твитер.

20 април 2016 - 14:47