Џан Пјеро Вентура е првиот од тројцата селектори, заедно со Манчини и Гатузо, на кои им се случија мундијалско фијаско.
78 годишниот стратег кој заврши со тренирање во 2020-та во Салернитана после 44 години стаж, ги анализира аномалиите во италијанскиот фудбал.
Тој смета дека селекторот е најмалку крив и дека проблемите се многу подлабоки.
„Не е целосно вината кај селекторот, тоа е јасно. Тој има свои одговорности, но не е проблемот само кај претседателот на федерацијата или селекторот, туку во културата и системот. Секогаш се преправаме дека ништо не се случува. По 2006 година, веднаш испаѓавме и во 2010 и во 2014 година. Потоа не успеавме да се квалификуваме на три Светски првенства по ред. Последното Европско првенство беше ужасно. Имаше само еден исклучок, а тоа е освојувањето на ЕП 2020“, вели Вентура
„Секој пат кога се седнеме, само разговараме и се обидуваме да објаснуваме. Критичните прашања се структурни, мора да интервенира владата, а не само федерацијата. Секој има свое решение. Едно е да се каже, а друго да се направи. Од натпреварот Италија-Шведска во 2017 година, ништо не е променето. Бевме елиминирани од Шведска, која заврши на петтото место на Светското првенство. Нападот беше личен, мораше да се најде жртвено јагне. Но, тоа сега е минато. Тоа сигурно влијаеше на мојата одлука да си заминам. Тоа беше непотребно насилство.“
„Дали би се вратил на жешкото столче во репрезентацијата? Апсолутно не. По многу кратко време, сфатив дека сум направил погрешен избор и тоа беше момент кога можев да направам други избори, некои и многу интересни. Но, нема смисла да се сожалувам себеси. Услови немаше ниту тогаш, а нема ни сега. Кој и да седне на клупата на аѕурите ќе се соочи со објективни тешкотии.“

Вентура вели дека целосно разбира низ што минува Гатузо:
„И јас сум бил таму. Се чувствувате одговорни што не сте ја постигнале целта. Важно е што длабоко во себе, тој знае дека дал сè од себе. Го советувам да се врати смирено на работата што отсекогаш ја работел. Со убедување дека ова со репрезентацијата беше лоша епизода, која се случува во фудбалот“.
Следниот селектор?
„Мислам дека тој е најмалку виновен за проблемите со кои се соочуваме. Кој и да е, ако не му се дадат услови да работи најдобро што може, тој секогаш ќе се соочува со тешкотии. Во 2006 година станавме светски прваци затоа што имавме генерација на феномени. Денес, таа генерација ја нема. Прво мора да создадеме услови за селекторот да има радикално влијание.“
Млади играчи и добри тренери
Вентура открива дека, како и Баџо, така и тој презентирал извештај за рестартирање на италијанскиот фудбал.
„Зградите се градат од темел, а не од горе. Некогаш младите играчи тренираа 4-5 часа на ден, секој ден. Играа на улиците или во младинските центри. Ако овие работи повеќе не постојат затоа што општеството се променило, мора да се создадат нови. Во школите треба да се постават тренери - педагози кои се способни и добро платени, чија цел не е да освојуваат турнири, туку да создаваат и развиваат играчи. Денес во академиите, амбицијата на тренерот често пати не е да развива таленти, туку да постигне цел за да може потоа да излезе од академијата и да си го пробие патот. Треба да го промениме нашиот став кон фудбалот“, заклучува Вентура