Првата голема опасност на натпреварот се случи во 14 минута кога Џонатан Вилијамс остана сам и прими употреблива топка, но акцијата одлично ја следеше Томе Пачовски кој излезе од својот шеснаесетник и со лизгачки старт го спаси голот.
По период со "мртва" атмосфера на националната арена „Филип Втори" која беше солидно посетена, нашиот капитен Горан Пандев изнуди слободен удар на околу 25 метри од шеснаесетникот. Шутот од живиот ѕид заврши кај Тричковски кој во 21 минута го отвори резултатот и ја разбуди публиката.
По 7 минути игра од иста ситуација можност за израмнување имаа и Велшаните откако Грег Белами ја погоди стативата. Пачовски не мрдна од својата позиција, а одбиената топка не ја искористи еден од гостинските играчи кој остана сам во шеснаесетникот.
Радоста на нашите фудбалери траеше само 15 минути, затоа што стрелецот на нашиот гол зад грб фаулираше еден од велшките играчи во нашиот шеснаесетник, а судијата по кусо размислување покажа на белата точка. Резултатот го израмни Арон Ремзи.
Во вториот дел од натпреварот први се заканија гостите преку Џек Колисон кој биеше покрај голот, а првата "златна" шанса за нашата селекција ја пропушти Пандев во 62 минута кој по одличната контра имаше чиста прилика за ново водство, но премногу се местеше и го промаши целиот гол.
Во 70 минута нова контра за нашите фудалери, а овој пат од средина на теренот сам ја влечеше Пандев, кој го сочека Тричковски кој биеше право во голманот Мајхил. Избраниците на Јаневски по само неколку минути имаа уште шанса за гол, но на додавањето на Пандев, нововлезениот Александар Трајковски погреши во клучното додавање.
На 10 минути до крајот на натпреварот Трајковски беше многу поконкретен, си направи самиот прилика за удар и од околу 20 метри биеше прецизно за конечни 2:1 и огромна радост на „Филип Втори". Големата 100 милионска ѕвезда на Реал Мадрид, Герет Бејл остана на клупата за резеврни играчи.