Велс не ја пушти Украина на Светско првенство и оди на прв Мундијал после 64 години

Во последниот натпревар за пласман на европска селекција на Светско првенство 2022, Велс на домашен терен во финалето на баражот ја совлада Украина со 1:0. Единствениот гол беше автогол на најдобриот украински фудбалер Андреј Јармоленко по слободен удар на Герет Бејл.

Фудбалерите на Украина имаа многу тежок пат до Мундијалот. Поради воениот конфликт со Руска Федерација, подготовките ги изведоа во Словенија каде беа речиси еден месец и каде одлично се спремиле.

Во полуфиналето на плејофот ја згромија Шкотска на гости во Глазгов со 1:3 и закажаа големо финале на бараж за пласман на Мундијал. Против Велс, повторно на гости.

На мечот одигран во Кардиф пред 33.280 гледачи од кои повеќе од 3.000 беа украински навивачи, Украинците во првиот дел беа многу подобар ривал (63%:37% во посед на топка и 8:5 во удари кон противнички гол) но голманот на Барнли, Вејн Хенеси правеше чуда на својот гол.

Во 33’ минута Герет Бејл изведе еден слободен удар а најдобриот украински фудбалер и капитен Андреј Јармоленко си даде автогол за водство на домаќинот и огромна радост на околу 30.000 велшки навивачи.

Репрезентацијата предводена од Олександр Петраков одново преку посед на топка бараше гол за израмнување, создаде пар одлични прилики, но Хенеси го имаше можеби најдобриот меч во кариерата, одбрани сè и го однесе својот Велс на прв Мундијал после цели 64 години!

Украинците изгубија иако беа подобар ривал според речиси сите параметри: (22-10 во шутеви, 68%:32% посед на топка, 580-270 додавања, 7-4 во корнери).

За Украина ова беше дури 6. пат да испадне во бараж натпревар за Светско или Европско првенство. Последен пат настапија на Евро 2020 кога беа во група со репрезентацијата на Македонија (победа на Украинците 2:1).

Велс оди во група Б на Светско првенство во Катар каде ги чекаат: Англија, Иран и САД.

6 јуни 2022 - 12:45