Велат дека Ескобар е убиен поради автогол, но приказната е посложена

Иако важел за џентлмен на теренот, чесен и пристоен човек кој одбил да остане во Америка по испаѓањето од Светското и решил да се врати дома меѓу своите Колумбијци, асфалтот немал милост за него.

Нема човек што сака автогол. Тие знаат да бидат апсурдни до потсмев, а по својата природа некако се косат со суштината на фудбалот. На Светските првенства до денес паднале 53 автоголови. На секој од нив му претходело мини-сценарио и последици.

На некој автоголот му станал лична трагедија, а на некој момент со кој влегува во историјата (на пример, Марио Манџукиќ летово во финалето на Мундијалот). Но за никој автоголот немал така крвава историја како за оној на колумбискиот стопер Андрес Ескобар.

На 23 јуни 1994 година Ескобар се пушти лизгачки на еден низок центаршут на Американецот Џон Харкс и се случи ова:

Сестрата на Андрес Ескобар, Марија го гледала натпреварот во Меделин, и во тој момент кон неа дотрчал 9-годишниот син: „Мамо, ќе го убијат вујче Андрес“. Жената одговорила: „Не, миличок, луѓето не убиваат за грешки. Во Колумбија сите го сакаат Андрес.“

После 10 дена капитенот на репрезентацијата на Колумбија, Андрес Ескобар смртно го застрелале во ноќниот клуб El Indio.

Шест куршуми во грбот, крвава епизода која многумина ја поврзуваат со автоголот. Колумбија тогаш изгуби 1:2 од САД, заврши последна во групата и испадна.

Неуспехот ги чинел многу пари газдите од сенка во Колумбија: дилерите на кокаин изгубиле милиони долари во обложувалници и не го добиле очекуваното влијание во менаџерскиот бизнис во кој одамна пуштиле пипци. За виновник за катастрофата го означиле Андрес Ескобар.

Но тоа е упростена, народна верзија. Со замрсеноста на трагичниот настан се занимава The Two Escobars - еден од најдобрите документарци од циклусот 30 for 30 на ESPN.

Ова колосално дело не трага по одговорот кој и зошто го потегнал чкрапалото, туку објаснува како општеството западнало во неповратна катастрофа.

Веројатно Андрес Ескобар би останал жив, ако година дена претходно на кровот од домот во Меделин од снајпер не бил убиен неговиот презимењак Пабло, кралот на кокаинот во Колумбија и Јужна Америка.

ПОДЕМОТ НА КОЛУМБИСКИОТ ФУДБАЛ КОЈ НЕ БИ УСПЕАЛ БЕЗ ПАРИТЕ ОД КОКАИН

На почетокот на ’90-те години во фудбалот ретко се наоѓаше поуспешна репрезентација од Колумбија. На 26 меча пред Светското 1994 Колумбијците изгубиле само еднаш.

Јужно-американските квалификации за Мундијалот ги завршувале во Буенос Аирес. На стадионот на Ривер Плејт „Монументал“ немало игла каде да падне, но гостите немале причина да сомневаат во себе.

За цели квалификации примиле само два гола.

0-5. „Гаучосите“ беа декласирани пред 53.000 гледачи. Следното утро весникот El Gráfico излегол со целосно црна насловна страна и наслов „Срамота“.

Тоа беше ден кога Карлос Валдерама и Фаустино Асприља правеа чуда на теренот.

Најсакани Колумбијци во целата земја тогаш биле фудбалерите кои привлекувале многу гледачи.

„И покрај ужасната состојба во државата, фудбалот играше најважна улога меѓу луѓето. Стадионите беа преполни. Професори, банкари, сиромашни, средна класа, богаташи - на стадионот немаше различности. Кога победуваше репрезентацијата, победуваше целата земја. Претседателот Сезар Гаривија гледаше 80% од натпреварите. Тој ми ѕвонеше и од претседателската палата да ги бодри“, во документарецот ’Двајцата Ескобар’ се сеќава поранешниот раководител на Колумбиската фудбалска федерација Белини.

Колумбијците, во хаосот на крвавите пресметки меѓу картелите и од бесконечните војно со властите, од убиствата и состојбата во која човечкиот живот не вреди пет пари, успехот на репрезентацијата го доживеале како бегство од реалноста.

Не случајно тие години во Кали, третиот најголем град во Колумбија имало анегдота дека кога игра локалниот клуб Америка, може спокојно да се шета по улица, без страв за себе и своите најблиски затоа што сите криминалци оделе на стадион.

Андрес Ескобар

Не за долго пред големиот успех на репрезентацијата, во 1989-та, колумбиски клуб првпат го освоил Копа Либертадорес. Тоа бил Насионал од Меделин.

Во пенал серијата во финалето, Андрес Ескобар го реализирал првиот удар, а Рене Игита одбранил четири и на крајот дал гол за големо славје.

Горе-долу сите знаеле кој стои зад историскиот успех.

„Влезот на парите, заработени од продажба на наркотици ни овозможи да потпишеме одлични играчи од страна и да ги задржиме нашите најдобри фудбалери. Едноставно плаќавме најмногу“, во филмот на ESPN говори Франсиско Матурана, тогашен тренер на Насионал и селектор на Колумбија на фаталното Светско првенство 1994.

„Претходно колумбискиот фудбал просто не постоеше а сега наеднаш сите дознаа за нас. Растевме многу брзо. Луѓето ја видоа нашата ситуација, знаеа за што се работи но не можеа да докажат: Пабло Ескобар го поддржувал Насионал“.

 

Конците во колумбиското првенство ги влечеле истите луѓе кои работеле на пазарот за кокаин. Ескобар го спонзорирал Насионал од родниот Меделин, неговиот блзиок соработник Хозе Гонзало Родригез Гача познат по прекарот ’Мексиканецот’ го држел Милионариос од престолнината.

Во „Големата тројка“ спаѓала и Америка од Кали која што ја помагале браќата Гилберто и Мигел Орегуела, лидери на моќниот картел од Кали (во тоа време криминалот во овој град бил толку висок што во реката Каука имало толку многу трупови што ги ваделе со месеци).

Фудбалот им носел на нарко-бароните популарност. Преку него ги переле парите и оваа атракција ја нарекла наркофудбал.

Многу играчи на Насионал (значи и на репрезентацијата) почнувале со работа на полињата на Пабло Ескобар во Меделин. Како градските сиромашни луѓе, така и фудбалерите му биле благодарни на Ескобар.

На неговите ранчови ги прославувале победите. Ескобар и Гача буквално играле фантази-фудбал. Ги собирале најголемите ѕвезди од разни клубови и правеле дрим-тим. Дружбата со играчите продолжила и во фамозниот „Ла Катедрал“ - затворот во кој Ескобар се нашол по договор со властите.

Тој затвор повеќе личел на луксузен хотел - со џакузи, маси за билијард, шанкови и базени.

Еден од честите гости во „Ла Катедрал“ бил и Рене Игита. Кадравиот голман наивно им раскажал на новинарите што има кај Пабло. Поради тоа и самиот заглавил зад решетки каде останал 7 месеци поради што го пропушти Светското 1994.

ПАДОТ НА КОЛУМБИСКИОТ ФУДБАЛ ИСТО НЕ МОЖЕЛ БЕЗ ПАРИТЕ ОД КОКАИН

Одличните резултати и дебаклот кој и го нанесоа на Аргентина под тепих оставиле огромни проблеми. Лидерите на екипата паднале во слаба форма: Валдерама влечел повреда, Асприља имал лоша сезона во Парма, а бекот Чонто Ерера бил потресен зошто таа година го убиле син му.

Пред мечот од второто коло против домаќинот САД - братот на Ерера загинал во авионска несреќа.

Стоперот сакал да замине од Америка и да се врати дома, но го задржал капитенот Андрес Ескобар. Тој разговарал со него и го уверил дека Светското може да ја обедини целата земја и насилството да прекине. Андрес сметал дека сè може да се смени ако добро одиграат на Мундијалот.

Но желбите на Андрес како и увереноста на целата селекција тргнале кон пропаст. По стартниот пораз од Романија 1:3 (најубавиот гол на Хаџи за репрезентацијата), поранешните херои на нацијата сега се плашеле за себе и за најблиските. Селекторот Матурана кој плачел во хотелот, добил барање од мафијата - да го исфрли Габриел Гомез од составот или сите ќе бидат убиени.

„Гомез беше еден од клучните играчи на репрезентацијата, но не можев да ризикувам да не убијат сите и го отстранив“, се исповеда Матурана во филмот.

Претходно Колумбија често играла против САД и постојано победувала. Но не и на најважниот натпревар во нивната историја. Стадионот „Роуз бол“ во Пасадена беше преполн, температурите беа пеколни а топката никако не сакаше да влезе во голот на Американците.

Ескобар си даде автогол, Колумбија изгуби од Америка. Чудо во последното коло немаше, затоа што победата над Швајцарија ништо не значеше за Колумбија.

„Не можевме да си објасниме многу нешта. Зошто изгубивме од Романија? Зошто ни се закануваа? Зошто падна автоголот на Андрес? Никој ништо не збореше зошто не знаевме што ќе се случи“, вели тогашниот репрезентативец Маурисио Серна.

СМРТТА НА ДВАЈЦАТА ЕСКОБАРИ

На играчите им предлагале да се враќаат веднаш дома. Имале варијанта да го продолжат престојот во САД на неодредено време. Но Андрес Ескобар не се плашел.

Андрес важел за џентлмен на теренот. Интелигентен фудбалер со чиста репутација. Важел за скромен и пристоен човек. Совеста не му давала на капитенот да се крие од обичниот Колумбиец со кого имал неразделна врска.

Кога се вратил во Колумбија, дал големо интервју за весникот El Tiempo од Богота. Во текстот стоело:

„Животот не завршува тука. Животот и не смее да заврши тука. Должни сме да одиме понатаму. Без разлика колку е тешко, мора да станеме. Имам два пата: да му дозволиме на гневот да не парализира и да продолжиме насилно; или да го надминеме тоа и да си помагаме еден со друг. Тоа е наш избор. Скоро ќе се видиме одново затоа што животот тука не завршува“.

Андрес ниту еднаш не видел снимка од својот автогол - единствен во кариерата. Но 34’ минута од мечот со САД не излегувала од глава. Не престанал да се обвинува себеси и само саканиот Меделин можел да го избави од тоа мачење.

Дома, заедно со невестата и роднините му било мирно. Го чекала нова етапа во животот - пред Светското се договорил со славниот Милан. Мечтаел да се пресели во Италија со сестра му.

Но меделинскиот асфалт ги убивал дури и тие кои бескрајно ги сакал.

***

Колумбија продолжила да тоне. Во целата земја било тешко да се заспие навечер.

Половина година подоцна Пабло Ескобар не бил меѓу живите: кралот на кокаинот го нашле во еден од квартовите на Меделин и го застрелале на кровот на 2 декември 1993 година - само ден по неговиот 44. роденден.

Смртта на Пабло значела и нов пекол:

„Градот излезе од контрола. Шефот беше мртов така што секој беше бос сам за себе. Пабло го држеше криминалниот свет во строга контрола“, вели во документарецот еден роднина на Пабло Ескобар.

Тренерот Матурана се согласува: „Кога Пабло го убија, ветерот врисна: ’Пабло Ескобар!’ Од тој момент насекаде беснееше хаос. Никому не можеше да се верува. Дури и меѓу полицајците имаше добри и лоши“.

***

Сè се случило ноќта меѓу 2 и 3 јули.

„Андрес заѕвони и предложи да излеземе. Му кажав: ’Не, подобро да останеме дома’, се сеќава Ерера и додава: „Го предупредив: Биди внимателен, на улиците е крајно опасно. Таму кавгите не се решаваат со тупаници. Андрес, остани дома“. Но фудбалерот му одговорил: „Не, должен сум да се појавам пред народот“.

„Јас скокнав во сон. Помислив: ’Се случило нешто ужасно!“. И во тој момент ми заѕвони телефонот“, се сеќава на страшното убиство пред многу години, Памела Каскардо, невестата на Андрес Ескобар.

Памела од тогаш веќе никогаш не гледала фудбал.

На крајот од документарецот „Двајцата Ескобари“ се вели дека автоголот можеби не бил единствена причина зошто Памела и Андрес не основале семејство, зошто не го видовме Ескобар меѓу ѕвездите во Серија А, а неговата сестра во Италија.

Што се случило во ноќниот клуб El Indio? Андрес таму дошол со друштво. Кога ги спуштил наочарите, кон него се приближиле неколку луѓе кои го навредувале поради автоголот. Андрес им објаснувал дека тоа било едноставно грешка.

Сè било залудно. Луѓето не се смириле и го следеле до паркингот. Не престанале со навредите а кога Ескобар влегол во автомобилот, испукани се шест куршуми во него.

Во тој момент 3 јули станал црн ден на колумбискиот фудбал и општество во целост.

Сведоците ја запомниле регистрацијата на еден од автомобилите со кои избегале убијците. Тоа ја довело полицијата до браќата Галон, познати наркодилери кои го напуштиле меделинскиот картел.

Со нив го уапсиле и нивниот телохранител кој добил 45 години затвор затоа што се испоставило дека тој пукал кога видел дека неговите газди се степале со непознат човек. Откако отслужил четвртина од казната, го ослободиле поради примерно поведение. Браќата Галон биле осудени на 15 месеци домашен притвор и парична казна од 1,5 колумбиски пезоси (во тоа време околу 1.850 американски долари).

Јавноста била револтирана од разврската затоа што биле убедени дека браќата Галон му платиле огромна сума на телохранителот Умберто Муњоз за да признае дека тој го извршил убиството.

Сантијаго Галон, еден од браќата (лево) и телохранителот Умберто Муњос

Убиството на капитенот на репрезентацијата се одразило и на локалниот фудбал. Многу соиграчи на Андрес изгубиле желба да играат за репрезентацијата. Стадионите биле пусти. За четири години Колумбија од 4. место на рејтиног на ФИФА панала на 34. место. По Светското 1998 година на кое се појави обновената Колумбија, оваа селекција цели 16 години не се појави на еден Мундијал.

„Нашето општество е уверено дека фудбалот го уби Андрес. Не. Андрес беше фудбалер кого го уби општеството“, вели Франсиско Матурана на самиот крај од документарката за најтрагичниот момент во историјата на Колумбија кој почнал кратко по лизгачкиот старт на Андрес Ескобар по центаршутот на Џон Харкс.