Кариерата ја почна во Сан Лацаро две години откако умре Тито. Бранеше на 611 натпревари, освои три трофеи со Парма, пет со Лацио и ако му ги пресметаме последните 6 години во аматерските категории, тогаш тоа се 32 години кариера. Го пренесуваме тазе интервјуто на голманската легенда која не старее во душа, дадено за calcionews24.com .
Марко фудбалот е вечен?
Се разбира дека е вечен. Ако имаш страст и те држи снагата, можеш да стигнеш до одлични резултати. Кога тренирам со Кастелветро, не мислам никогаш на мојата возраст, туку на мечот.
Навистина ли доколку во 2008 година имаше можност ќе го продолжеше договорот со Лацио на уште една година?
Да. Одлично ја познавав атмосферата во клубот, чувствувам доверба околу мене и ќе му давав совети на Муслера кој тогаш беше многу млад. Можеби требаше јас и луѓето од клубот да размислуваме потрезвено, но сепак не би судел. Играв до 44 години, зар ќе сменеше нешто ако одиграм уште една сезона?
По завршувањето на професионалната кариера, освен играње во аматерска лига, што друго правевте?
Оставете и ова да го додадам. Играв како напаѓач во Калкара Самоџа и во 2008/2009 постигнав 24 голови.
А надвор од терен?
Водев компанија за обновливи извори на енергија. Инсталиравме геометрални сонди кои може да земат енергија до 250 метри длабочина. Фасцинантен и футуристички проект, кој за жал морав да го прекинам поради тешката криза во земјата.
Не сте помислиле некогаш да тренирате голмани?
Факт е дека за сега меѓу стативите се чувствувам “проклето“ добро. За во иднина ќе видиме. Би сакал да ги тренирам младите. Ја чекам вистинската понуда и можеби ќе почнам за некоја година, но прво сакам да поиграм уште малку.
Што е потребно за да се сруши рекордот на Дино Ѕоф? Тој бранеше до 41 година и 76 дена, а вие до 44 години и 38 дена?
Тоа е рекорд на кој сум горд. Ако помислам на Ѕоф ми доаѓа да пелтечам. Тоа е вистинскиот збор бидејќи во 1997 година кога ме повика како претседател на Лацио за да позборуваме за детали од мојот договор, не знаев што да му кажам. Претседателе јас како млад имав постер од вас во соба, како можам да ви кажам не. Неодамна Дино ја објави својата автобиографија. Ќе ја прочитам обавезно.
Го минавте рекордот на Дино, а кој ќе го сруши вашиот? Буфон?
Џиџи кој на 28 јануари ќе наполни 37 години е уште еден горделив голман како мене. Верувам дека ќе игра се додека се издвојува од другите. Кој те тера да бркаш рекорди, ако почнеш да примаш еден куп лесни голови? Ако немаш повеќе мотивација, тогаш се губи поентата за играње. Затоа јас размислував од година во година, па и кога играв за Модена во трета лига.
Имавте ли криза за време на кариерата од 26 години?
Имав во Реџана. Отидов на 31 година, по престојот во Парма и лошата сезона со Бреша каде примив 60 голови. Потпишав две годишен договор и си реков, океј на 33 години завршувам со кариерата и ќе почнам да размислувам за иднината. Но потоа пристигна повикот од Лацио и од тогаш практично за мене почна една нова кариера и втора младост.
Што е потребно за толку долга кариера? Претпоставувам дека експлозивноста на терен и рефлексите со тек на време не се исти?
Пред се, телото треба да ви биде здраво, без проблеми со кичмата, нозете, рацете, дланките...За другото е важно искуството кое понекогаш ќе ти помогне да го предвидиш шутот на противникот..
Голман како Мануел Ноер, кој ако го послужи и среќата, би можел да игра до 60 години? И дали гледате некои маани кај најдобриот голман во светот?
Маани нема, но може да ја развие техниката, како сите. Ноер потекнува од германска школа. Тој е фантастичен спортист, а најмногу ме возбудува кога излегува на 25 метри од голот и си поигрува со напаѓачите.
Кога сме кај напаѓачите, кој беше твојот кошмар?
Габриел Омар Батистута. Секогаш кога ќе се сретнеме, успеваше да ми даде гол, со нога, со глава или да ми ја украде топката. Тој беше шампион. Од многу негови колеги добивав честитки за играта по мечевите, а тој сакаше само да ми ја смести топката во гол.
Најбизарниот момент во кариерата? Можеби дебито за Интер во 2000 година на 36 години?
Да. Претходно со Лацио го освоив Скудетото и купот, а во Супер купот требаше да играме против Интер. Но јас направив таму трансфер и се изненадив кога Марчело Липи ме стави на финалето во прв состав. Загубивме 4:3 на Олимпико, а Лацио стигна до тројната титула, но без мене. Чудна ситуација кога се во прашање чувствата.
Ако треба да ги затвориш очите и да се потсетиш на некој важен момент од кариерата?
На страна трофеите со Лацио, би рекол моментот кога на 11 декември 2007 година по мечот со Реал Мадрид, кога Икер Касиљас ми пријде за да си ги смениме дресовите. Тоа беше мојот последен меч во Лигата на шампионите.
Си разменивте искуства?
Па добро, јас по неколку месеци се пензионирав, а Икер беше веќе шампион, а подоцна го освои Европското, Светското, а потоа повторно Европското првенство. Тоа беше почеток на неговите монструозни успеси, а јас завршував. Таков е фудбалот, никогаш не завршува, тоа е континуиран процес.