Комити од петни жили, силно притискаат за Вардар да опстои. Го одржуваат некако финансиски и најавуваат дека се приморани целта за оваа сезона после стартот од 5 порази во 7 кола да им биде опстанок во првата лига.
Соопштија дека ја затвориле финансиската конструкција за месец август и ги исплатиле играчите, а тие самите како управа заедно со спортскиот директор Ѓоко Хаџиевски и тренерот Александар Васовски работат како волонтери.
Водат преговори со меѓународен инвеститор, но поради договор за доверливост и ексклузивитет, не обелоденија детали, освен дека се работи за влез со 18 милиони евра.
„Часот одамна е „5 до 12“. Пресот го почнуваме со едно прашање, како се однесува оваа држава, кога е најавен странски инвеститор кој што е спремен во Вардар во овој случај, но и општо во државата, да инвестира 18 милиони евра? Тоа е еден вид на најава, за нешто што се случува зад кулисите во овој момент, додека траат сите овие перипетии поврзани со ФК Вардар, додека осамени сме на последното 12 место во Првата македонска лига.
Се работи за една можна инвестиција, сè уште е во фаза на разговори, инвестиција која подразбира покривање на основниот долг кој што ги има ФК Вардар, околу 3 милиони евра, за што и ги повикавме институциите да ни помогнат околу ова прашање, да ни дадат точен одговор колкав е долгот на клубот. Бидејќи, доколку ние сме тие кои што сме предводници на еден ваков проект кој подразбира странска инвестиција во Македонија, би требало државата да ни пружи ресурси и институционална помош, како што тоа би требало да го прави со сите други инвеститори, домашни или странски, кои се подготвени да инвестираат во нашата земја“, рече претставникот на Комити, Милорад Миленковски.
Тој ги прозва УЈП, ПИУК и владата, зошто сè уште не им одговараат на барањата доставени на 27 и 28 јуни. Тоа се отпис на каматите на основиот долг кој е поминат на влада, а не се спроведува. Долгот кон УЈП од 200.000 евра да се репрограмира на 5 години, како и просторија од 200 м2 позади источна трибина која им вила ветена.
Потсетија и на соработката со општините која не ја добиваат од сите со кои се сретнале. На пример само од Град Скопје чекаат помош од 15 милиони денари (нецели 250.000 евра), кои се изгласани на совет пред три месеци, но сè уште не се префрлени.
„На 20 јули на седница на Град Скопје 34 од 35 советници гласаа за помош од 15 милиони денари, без ниту еден глас против, туку само со еден воздржан. Зошто тие пари уште не се префрлени? Градот Скопје како негов основач е должен да го помогне клубот. Не знам што чекаат другите општини, како на пример Карпош? Па нивното население навива за Вардар. Треба да ја слушаат вољата на народот, бидејќи Вардар е клуб на народот“, рече Миленковски
Тој посочи дека добиле помош од Аеродром, Кисела Вода, Центар, Илинден, Зелениково и Сопиште.
Општина Илинден им ги одобрил на користење терените во Кадино и Марино, додека да се вратат во својата база во Хиподром за што најавија дека ќе се случи најскоро.
За во средина на октомври најавија отворање на младинско пионерската школа во близина на салата Јане Сандански, која ќе го носи името на славниот Кирил Симоновски Џина.
Инаку во однос на алтернативното финансирање од годишни влезници, Вардар до сега продал 8.000 карти (8 милиони денари), што е малку ако се знае дека Градски собира 33.000 гледачи.