Седнати еден до друг, легендите од златната Вардарова генерација Дарко Панчев и Илија Најдовски кој денес беше промовиран во нов технички директор, заедно со сопственикот на Вардар Сергеј Самсоненко и извршниот директор Самоил Симев, решија да позборуваат за проблемите со кои се среќаваат.
„Не е тајна дека сите имаме финасиски потешкотии во спортските клубови. Тешко е да ги изнесуваш. На сите проблеми што ги имаме, сега уште да имаме проблеми од внатре, од државата“, изјави меѓу другото Сергеј Самсоненко во прецизното излагање околу тоа што од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на 40 часа пред мечот им барале да платат 40.000 евра за да ја користат Арената „Филип Втори“ во Лига Европа.
„Вчера побарав пример од нашите комшии од Србија, за двата најголеми клуба кај нив и во екс-Југославија, Црвена звезда и Партизан и прашав колку кошта, колку они плаќат за користење на стадион. Добив информација и за едниот и за другиот клуб. Двата клуба плаќаат исти пари, трошоците им изнесуваат по 30.000 евра годишно, плус трошок за користење на рефлектори, за струја. Плус-минус за секој натпревар велат дека плаќаат по 500 евра. Тоа е нивен годишен трошок, 30.000 евра.“, додава Самсоненко шокиран од барањето на ПУИК, ФК Вардар да плати 40.000 евра ако сака да игра Лига Европа на единствениот стадион кој ги исполнува условите за одигрување на ова натпреварување.
Понатаму, вели Самсоненко:
„Покрај нив, дополнителна информација побарав и од Белгија, земја на Европска Унија, од градот Бриж. Таму се базирани два клуба, Бриж и Серкл Бруге. Градот Бриж му го дал на клубот Бриж стадионот кој има капацитет од 30.000 гледачи а клубот го користи, ништо не плаќа туку го одржува стадионот и теренот. Тоа е цената која што ја плаќаат за користење. На Серкл Бруге, Бриж им го изнајмува стадионот и они плаќаат за секој натпревар 10.000 евра со тоа што картите им чинат од 25 до 50 евра, со тоа што 24.000 сезонски билети имаат купено однапред па пресметајте сами колку ги чини. Кај нас карта чини просечно 2 евра. Се надевам дека властите и надлежните институции нема да ја остават работата на државното претпријатие и ќе преземат мерки и ќе проверат како функционираат работите во светот“, опсежно објасни првиот човек на РК и ФК Вардар.
Ценовникот на ПУИК кој степеносто се зголемува, па така на пример за да играте прво коло од квалификации за Лига на шампиони или Лига Европа изнесува 11.000 евра + ДДВ дневен термин а ноќен термин 14.000 евра + ДДВ. За групната фаза каде Вардар се пласираше првпат во историјата дневниот термин (Лига Европа нема дневен термин од УЕФА) изнесува 31.400 евра + ДДВ а вечерен термин превисоки 34.400 евра + ДДВ што на крајот изнесува околу 40.000 евра од меч на домашен терен.
Симптоматична е и сосема малата разлика во тарифите за одигрување меч од Лига на шампиони и Лига Европа.
„Иако ни беше поставена цена од 40.000 евра, мора да напоменеме дека се соочивме со низа недостатоци во однос на луѓето кои менаџираат со стадионот иако самите оние 4-5 луѓе кои се вработени на стадионот се чесни дечки кои сакаат да помогнат но им треба поддршка за еден ваков грандиозен објект да се сервисира на правилен начин за да ги овозможат сите услови кои ни се потребни. Инвентарот не се наоѓаше на соодветно место па моравме ние самите да користиме дополнителна работна сила за да се доведе целиот стадион да биде во ред за ваков тип на натпревар. Хигиената е посебна приказна. Ниту еден дел од стадионот не беше исчистен како што доликува на ваков тип на настан. Трибините, подтрибинскиот простор и тоалетите немаа соодветно ниво на хигиена. Немање доволно струјни и интернет приклучоци, тоа е нешто што е за новинарите најаважно а ние како клуб направивме се што е до нас. Тревникот за загревање на играчите кај корнерот беше покриена на наш трошок, билетарата е во крајно очајна состојба, нечиста со пајажини на пултовите каде доаѓа секој гледач да купи карта. Интернет конекцијата повторно многу слаба и е комплетно на трошок на ФК Вардар. Озвучувањето не е во функција како што треба па тоа моравме и ние да го покриваме. итн...“, заклучи извршниот директор на Вардар Самоил Симев.