По секој гол што ќе го примат сезонава „Црвените ѓаволи“ камерите го бараат несреќното лице на Дејвид Мојс кој како да стана симбол за неуспех на „Олд Трафорд“. Така не беше со неговиот претходник кој беше пример за успеси.
Но Мојс не е главниот виновник за слабата сезона на Јунајтед, туку тоа е склоп на повеќе околности меѓу кои еден од најважните е улогата на најдобриот голгетер во Премиер лигата за минатата сезона, Робив ван Перси.
Минатата сезона холандскиот напаѓач во овој период од првенството ги имаше одиграни сите 22 првенствени натпревари на кои постигна 16 голови, но сезонава тој има двојно помалку мечеви на кои постигна седум погодоци.
Без него тимот има четири порази од кои два со само еден примен гол и две нерешени средби. Доколку го имаше истиот број на голови оваа сезона со кои на пример Јунајтед ги добиеше тие два минимална порази и двете нерешени, сега ќе заостануваше само три бода за лидерот Арсенал.
Тоа за Дејвид Мојс ќе беше една сосема поинаква сезона со повеќе насмевки, а во тој случај ќе немаше слики од него на насловните страници со спуштена глава.
Разликата по 22 одиграни кола во овие две сезони од „Олд Трафорд“ е огромна. Фудбалерите на Јунајтед за разлика од лани имаат седум победи помалку, 20 постигнати голови помалку, како и -18 бодови.
Дејвид Мојс сезонава има многу проблеми со повредени играчи, а најголем удар за него беше отсуството на Ван Перси кој откако се повреди во декември потоа ја обнови истата повредата на препоните.
Но на врвните играчи не им треба долго време за да се разиграат. Најсилното оружје на Мојс вчера се врати на терените и за само шест минути ја стресе мрежата на Кардиф со што покажа колку му е важен на тимот.