Уругвај го победи Бразил после 22 години

Фудбалската репрезентација на Бразил го доживеа првиот пораз во квалификации за Светско првенство после повеќе од 8 години! Од 2015-та година кариоките не знаеле за изгубен натпревар во КОНМЕБОЛ квалификациите. Синоќа скалпот им го зема Уругвај.

Скромното издание на Бразил на Светско првенство 2022 во Катар продолжи и во актуелните квалификации за Мундијалот 2026 кој ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

Бразилците во септември едвај го победија Перу 1:0 со гол во самиот финиш, а набрзо им стигна и студен туш на домашен терен со Венецуела (1:1). На крајот потврда дека нешто не е во ред со најтрофејниот светски првак покажа поразот од Уругвај 2:0 во Монтевидео.

Новиот селектор на Уругвајците, Марсело Бјелса веќе носи резултати и за очекување е оваа репрезентација да блеска во скоро време.

Ѕвездата на Ливерпул Дарвин Нуњез со две мајстории (гол и асистенција) му пресуди на Бразил кој има в.д. селектор и кој од јуни следната година ќе го преземе Карло Анчелоти.

Натпреварот од 4. коло од јужно-американските квалификации донесе прв триумф за Уругвај над Бразил после цели 22 години! Уругвајците притоа ја урнаа неверојатната серија на Бразил од 37 меча без пораз (28 победи и 9 нерешени) во квалификации. Тоа е најдолга серија без пораз во квалификации во Јужна Америка.

Дарвин Нуњез го отвори резултатот и асистираше при вториот гол. Прво погоди во 42’ минута за свој 5-ти гол во репрезентацијата:

Пред крајот на првиот дел тешка повреда доживеа Нејмар кој по дуел со Де ла Круз остана да лежи на теренот и беше изнесен надвор.

Во 77’ минута Дарвин Нуњез маестрално асистираше до Де ла Круз кој ги постави конечните 2-0:

Интересно ова е само шеста победа на Уругвај против Бразил во историјата но се памети оној од финале на Светско првенство токму во земјата на фудбалот и самбата и познатиот „Мараканаѕо“.

После 4 одиграни кола, светскиот шампион Аргентина е убедливо прва со 12 бода, 4 победи и гол разлика 7:0. „Гаучосите“ славеа со два мајсторски гола на Лионел Меси кој сега со 31 погодок во јужно-американските квалификации го надмина досегашниот рекордер, неговиот другар Луис Суарез кој има 29 гола.

Уругвај е втор со 7 бода колку што имаат уште и Бразил и Венецуела на трето и четврто место. Од Јужна Америка на Мундијалот 2026 ќе одат дури 6 селекции а 7-та ќе игра бараж.

18 октомври 2023 - 09:43