Сеќавањата на Реј Парлоу, некогашниот фудбалер на Арсенал за новајлијата од Латвија:
„Во летото 2000-та еден фудбалер дојде на проба во Арсенал на нашата пред-сезонска турнеа. Беше многу висок стопер. Тогаш Мартин Кион секогаш беше загрижен за играчите кои доаѓаат да му ја украдат позицијата. Кога и да имавме стопер на проба, Мартин викаше дека е некорисен.
Овој висок дечко од Латвија, Игорс Степановс беше голем, но сериозно, не беше на нивото за нас.
Неколку души од нас беа на клупата додека Латвиецот играше пробен меч. На теренот буквално на секое негово додавање, дечките аплаудираа од клупата затоа што знаевме дека Мартин ќе се нервира поради тоа.
Денис Бергкамп седеше зад Арсен Венгер и непрестано делеше комплименти за стоперот. „Одличен дуел! Неверојатен лизгачки старт, браво дечко!“
Игорс еднаш ја рогна топката 20 метри подалеку од каде што требаше да ја упати но секогаш имаше некој наш играч што ќе ја стигне, па ние аплаудиравме. Мартин мрмореше: „Не го бива“. Почна да коментира секогаш кога Игорс ќе задоцнеше со лизгачки старт или дуел со глава.
Вечерта отидовме на вечера, се смеевме поради тоа и сакавме да го кренеме малку Мартин. Знаевме дека Игорс не е ниту близу стандардите на Тони Адамс, Мартин Кион и Болди. Но Мартин беше лесна мета за мајтап затоа што се палеше.
Денис сакаше да му сместиме нешто затоа што Мартин секој ден на тренинг ќе го клоцнеше и ќе му објаснеше: „Само те спремам за тоа што те чека на натпреварите“. Мартин просто беше голем играч, голем карактер, голем победник. Многу го почитувавме.
Кога се вративме на тренинг терените во Лондон Колнеј после една недела се изненадивме. Игорс седеше таму, па го прашав чудно: „Што правиш ти овде? -Ме потпишаа! Четири-годишен договор.“
Неверојатно. Арсен не сконтал дека ние само теравме шега со Мартин. Венгер ги слушал само пофалбите за Латвиецот. Ако Денис станеше и кажеше: “Каков играч!“ тоа за Арсен беше клучна препорака. Мислам дека го потпишаа за околу 1 милион фунти. Со чест на исклучоци да не се навреди некој од ниските лиги, но Игорс беше километри зад нас на теренот, беше исто како да го земам брат ми на тренинг.
Следната работа што ја сфативме е дека имаме криза со повредени стопери како никогаш до тој момент. Единствен здрав и фит стопер беше Игорс а против кој играме следно коло? Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд.
Во мечот влеговме со многу несигурна одбрана. Олег Лужњи, Жилс Гриманди, Игорс и Ешли Кол кој мораше да излезе на полувремето.
Двајт Јорк не искина. Сериозно, беше срамота. Они поведоа, а ние израмнивме и помисливме: ’Добро е нерешено’. Набрзо не наполнија и беше 5-1 на полувремето. Едвај одевме кон тунелот на Олд Трафорд и можеше да се види Венгер како врие. Тој ретко кога пцуе или навредува но дента пцуеше.
Се сеќавам дека по долгиот пат во тунелот одев со Двајт Јорк кој ме праша: „Од кај по ѓаволите го најдовте овој стопер? -Гледај, долга приказна е“, му одговорив.
Седнавме во соблекувалната и можеше да биде 9-1 ако Дејвид Симан не бранеше како луд. На Арсен не му стоеше да урла и да пцуе а јас едвај додржував да не се насмеам. Не кревав грава и во еден момент го видов Пет Рајс паралелно од мене кој со поглед ми кажа: „Не се смеј. Прави што ќе правиш. НЕ-СЕ-СМЕЈ!“.
Арсен полуде од нервоза. И тоа беше првпат во осум години како играв за него да биде бесен на полувреме. Секогаш беше смирен и концентриран на тоа што треба да го сториме. На крајот загубивме 6-1 а кутриот Игорс ретко кога заигра пак“.