Уникатната приказна за ФК Слободен, нов клуб создаден преку познанства од скопските маала

Дечките се веќе хит со самиот начин на кој одлучиле да му го дадат името на клубот, а уште го немаат одиграно ниту првиот официјален натпревар. Идејата доаѓа од Франција, прекрасните црвени дресови од Германија, тренерот е од ФК Вардар, а тимот ќе го најдете во Кисела Вода. На позицијата „админ на Твитер“ имаат голем и докажан играч.

Ако сте читале како порано биле формирани фудбалските клубови кои денеска се светски познати, тогаш да знаете дека таквите стории не умираат и денеска. 

Го имаме најтазе примерот со ФК Слободен за кој нека остане запаметено дека во 2022-ра ги удира темелите, а викендов ја испишува историјата со деби на домашната фудбалска сцена која добива доста симпатично освежување.

Со групираат од разни скопски маала, претежно заразени со мал фудбал, но на идејата и влегуваат сериозно со пријателски натпревари кои им служеле за филтер на околу 60 кандидати.

ФК Слободен е нов концепт на фудбалски клуб за наши услови, кој веќе стана хит уште пред да се претстави во четврта лига. На Твитер им игра истиот лик кој го прослави Осогово, третолигашот од кој се фасцинираа и во Рома.

Можете да ги бодрите во Кисела Вода или на Фејсбук. Да, царевите ќе вршат преноси во живо. Во новиот фудбалски производ ве води Филип Здравески, еден од поискусните играчи кој по имиџот ќе го препознаете и како Артуро Видал.

Со ФК Слободен може да се заебавате само на Твитер, ама не и на терен. За шеф на стручен штаб ангажираа тренер од Вардар, првак на Македонија со У-10. Ќе дебитираат на гости, против Победа од Долно Лисиче. ФК Слободен викендов не е слободен.

Како се роди ФК Слободен и кој стои зад идејата?

- Идејата беше на Ангел Јанков кој после неколку години живеење во Франција се врати во Македонија со идеја да создаде нов фудбалски клуб. Има искуство бидејќи доста помагаше при подемот на Локомотива од Градско додека живееше во Франција, и заедно со локалните момци успеаја да го внесат клубот и во професионалната Втора лига, каде клубот настапуваше лани. Сега во Скопје почна од нула, нов проект.

Кој сѐ е дел од играчкиот ростер? Успеавте ли можеби да ангажирате некој фудбалер од повисок ранг? Како се екипиравте?

- Првично екипата почнавме да ја составуваме од познанства, ние неколку души што играме фудбал низ скопските маали секој викна по некој соиграч од мал фудбал.  Имаме повеќе играчи со искуство од општинските лиги, но некои и биле неактивни неколку години. Сепак, има и такви кои доаѓаат директно од други клубови, како на пример еден од третолигашот ФК Раштак.

Имаме и играч од ФК Гостивар

Слушнавме дека одлуката за името на клубот паднала на многу интересен и необичен начин.

- Точно. Името на клубот дојде од еден Twittel fail. Сѐ почна кога на еден твитерџија, кој подоцна стана и дел од клубот, не му беше јасно кој е клубот со име Слободен кој во 1. коло од некоја младинска лига требало да игра против ФК Скопје. Нормално, не беше во прашање никаков клуб туку тоа едноставно значеше дека тоа коло Скопје немал противник, односно бил слободен. Ама и распоредот направен „мајсторски“ од ФФМ допринесе за таква збунка.

Тоа беше вака: 

Кои се условите за формирање на клуб во Македонија и влез во четврта лига? Има ли норми, како на пример задолжителен број на фудбалери, лекарски тим, претседател, спортски директор...Тешко ли беше да се организирате и да се формирате?

- Како и сѐ во државава, така и формирање на клуб е комплицирана процедура. Требаат „300“ документи. Регистрацијата почнува од локалниот Општински фудбалски сојуз, што во нашиот случај е ОФС Кисела Вода бидејќи ФК Слободен е со седиште во Општина Аеродром, која пак гравитира кон ОФС Кисела Вода. Клубот треба да има и пријавен лекар, како и домашен терен. Морам да истакнам дека тука имавме големи проблеми како нов клуб, но се надеваме на помош од Општина Аеродром, како наша матична општина, да ни помогне со обезбедување на терен и ние во иднина да се оддолжиме со многу спортски успеси.

Сѐ на сѐ, процедурата е тешка и мачна и не секој може да се нафати и да ја истера. Уште првиот пат кога Ангел ми предложи да формираме клуб јас одбив токму поради сите овие административни сопки и цепидлачења. Но, упорен беше и реши сам да ја истера работата - еве успеа.

Како се финансирате? Имате ли пари за дресови, плати, судии...

- Се трудиме да обезбедиме за сѐ што треба. Првокласна опрема стаса од Германија од славниот „админ на Осогово“ кој е сега дел од нашиот клуб, и мислам дека се забележува, нели? Развојот на клубот дирекно зависи од финансиската поддршка, па секоја помош ни е добредојдена. Засега имаме помош од дијаспората, Скратен Корнер и д-р Иван Митровски од Напредна Киропрактика Скопје. 

Уште на старт се наметнавте со многу забавен профил на Twitter, кој ви ги води социјалните мрежи?

- Нашиот Twitter админ е одамна позната фаца на таа социјална мрежа. Се работи за Боби од Минхен, човекот поради кого порано вирален беше ФК Осогово. Истиот човек сега ги води и Instagram, Facebook и TikTok, помага и Ангел, а јас лекторирам. Мислам дека нема да преувеличам ако речам дека имаме најпрофи профили на социјалните мрежи од сите клубови во државава. Треба ли да потенцирам дека сите пријателски ги пренесувавме со стрим во живо на Facebook? Ќе ги пренесуваме и првенствените.

Имате ли поставено цели? Каде го гледате ФК Слободен за едно 10 години?

- Со оглед на тоа што оваа сезона 2022/2023 ни е огнено крштевање, не летаме во облаци. Првата сезона ќе биде филтер за наредната. Ние неколкумина поискусни играчи имаме задача на младите да им помогнеме да стекнат искуство и во иднина да го носат клубот нагоре. Наредната сезона, барем гледано од денешна перспектива, планираме да се бориме за врвот, иако не сме си поставиле никаков императив. Меѓутоа, со исфилтриран тим и нови засилувања на лето, планот е таков. Па времето ќе покаже...

Кој ви е домашен терен?

- Домашните натпревари ќе ги играме на фудбалското игралиште „Јурија“ во населба Усје (не е стадион Цементарница). Голема благодарност до чичко Геле, чичко Томе, Иле и сите од управата на ФК Вардар 75 од Усје кои ни излегоа во пресрет и ни дозволија привремено да го користиме нивниот терен.

Деби сезоната ви стартува против Победа во Долно Лисиче, возбудени ли сте? И како поминаа подготовките? Колку пријателски одигравте и каков ви е скорот?

- Не само што сме возбудени, туку едвај чекаме да истрчаме на терен. Ги броиме деновите до недела. Подготовките ги почнавме полека уште средината на јули, одржувавме тренинзи и игравме пријателски. Одигравме вкупно 5 пријателски и забележавме 1 победа, 1 реми и 3 порази. Но, резултатите на пријателските никогаш не беа во преден план бидејќи ни служеа за филтер на играчи. На некои пријателски настапивме со дури 20 и кусур играчи, со толку измени резултат јасно е дека не се постигнува. Но, затоа се гледа кој што и колку може. Продефилираа, па ако не грешам едно 60-ина играчи.

ФК Слободен е целосно нов концепт на фудбалски клуб за македонски услови. Ве покануваме вас како медиум и сите спортски ентузијасти и „сладокусци“, што би рекле коментаторите на МТВ, да ни се придружите во авантурата, затоа што ви ветуваме дека ќе биде многу возбудливо и дека овој проект ќе трае и ќе се развива.

21 септември 2022 - 12:47