Унаи Емери, актуелниот тренер на Севиља е роден пред 43 години во гратчето Фуентебарија кое има 16.000 жители и се наоѓа на самата граница на Баскија со Франција.
ТРЕНЕР ОД 2004
По просечното играчко минато како фудбалер на Реал Сосиедад, Толедо, Расинг Ферол и Легањес, Унаи Емери ја почнува тренерската авантура пред точно 10 години. Од фудбалер станува тренер на екипата Лорка Депортива во шпанската Сегунда Б (трета лига).
Со тимот од Мурсија, Емери за прв пат ја добива наградата најдобар тренер во лигата и потпишува со Алмерија која од втората шпанска лига ја внесува во прва лига и повторно ја добива наградата Мигел Муњоз, за најдобар тренер во дивизијата.
Следната сезона, Унаи Емери дебитира како тренер во Ла Лига со Алмерија која под негово водство го освојува комотното осмо место, обезбедува опстанок и станува најдобро пласирана екипа која од втора влегла во прва лига.
ГОДИНИТЕ ВО ВАЛЕНСИЈА
За тренерското откритие на сезоната 2007/2008 се отвораат вратите, потпишува 2-годишен договор со Валенсија и станува најмлад тренер во историјата на тимот од Местаља. Во сезоната 2008/2009 со Валенсија завршува на шестото место, а веќе втората година обезбедува пласман во Лигата на шампионите, зад Барселона и Реал Мадрид.
Во сезоната 2010/2011 Унаи Емери на Валенсија ѝ носи уште еден директен пласман во ЛШ а клубот му враќа со нов, побогат договор. Но на Местаља се менува состојбата и управата е принудена да ги продаде најдобрите фудбалери, Давид Виља, Давид Силва и Хуан Мата.
Во сезоната 2011/2012 Лилјаците испаѓаат од групната фаза на ЛШ и стигнуваат до полуфиналето од шпанскиот куп и Лигата на Европа. Иако Унаи Емери успеа да го освои третото место и трет пат по ред да обезбеди ЛШ, дојде моментот за збогување. Во мај 2012 година откри дека Спартак Москва е неговиот следен предизвик.
ОД РУСИЈА БЕЗ ЉУБОВ
Кратко траеше авантурата во Русија на Емери. Доби отказ во ноември 2012. по поразот 0-3 од Барселона кога Спартак Москва испадна од ЛШ. Два месеци подоцна, во јануари 2013. Емери се враќа во Шпанија и го заменува Мичел на клупата на Севиља.
Првата сезона на клупата на тимот од Андалузија не е за аплаузи, завршија деветти во првенството, но благодарение на финансиските проблеми на Малага и Рајо Ваљекано добија место во квалификациите за ЛЕ. Следната година, во истото натпреварување, Емери го освои првиот трофеј како тренер. Во Торино ја совладаа Бенфика во финалето. Годинава ја одбранија титулата во Варшава и на тој начин Севиља стана единствената екипа со 4 Купа на УЕФА.
ИДНИНА ВО НАПОЛИ?
По големото славје за успехот во Европа кога на Санчез Писхуан се собраа 50.000 навивачи, Унаи Емери не сакаше да го открие неговиот иден проект. Иако претходно изјавуваше дека неговиот сон е да игра со Севиља во Лигата на шампионите, Емери наскоро би можел да тргне во нова авантура. За него се заинтересирани Манчестер Сити, Вест Хем, Борусија Дортмунд и Наполи, чијшто претседател Аурелио Де Лаурентис отпатувал во Севиља да преговара со него.
Понудата која Наполи му ја дава на Унаи Емери е 3,5 милиони евра годишно плус бонуси.