Убиствениот аргентинско-македонски тандем

Новата сезона во италијанскиот фудбалски шампионат сезонава ни носи неколку интересни промени во напаѓачките линии, а порталот „whoscored.com" според статистиката од минатата сезона издвојува четири тандеми од каде се очекува најголемата опасност по головите. Дуото Пандев-Игуаин ќе сее најголем страв.

Минатогодишниот трансфер на Златан Ибрахимовиќ во ПСЖ, како и заминувањето на Кавани кој од неодамна им се придружи на Парижаните, не значи дека во Серија А нема повеќе да гледаме напаѓачи од светска класа.

Игуаин од Реал, Гомез од Баерн и Тевез од Сити за сега се само дел од новите освежувања на италијанските гиганти од кои се очекува да се докажат и на чизмата, а меѓу поискусните тука е се разбира нашиот Пандев кој со богатото 14 годишно искуство во Италија е фудбалер за кој често се пишува деновиве во светските медиуми.

„Whoscored.com" направи интересна анализа и издвои четири тандеми од кои се очекува да ги донесат најголемите возбудувања во нападот и најмногу да ги полнат мрежите. Базирана на сработеното од минатата сезона во првенствата каде што настапувале, порталот направи просечкна ефикасност од овие играчи.

Статистиката покажува дека Пандев и Игуаин минатата сезона комбинирано во просек имале најголема ефикасност со постигнати голови од 52,4% и најмногу ги искористувале шансите за гол со процент од 21,4. Според оваа анализа овие двајца напаѓачи и најдобро дриблале во просек по 2,3 пати по натпревар.

Тандемот на Милан Ел Шарави-Балотели е единствениот од овие четири кој минатата сезона настапуваше заедно и кој бил најпрецизен со вкупно 29 гола во италијанското првенство. Според рејтинзите во оваа анализа тие имаат највисока оценка од 7.28, а по нив следат Пандев и Игуаин со 7.08.

По вчерашната топ вест за прогласувањето на Пандев за најдобар светски играч на неделата според порталот „goal.com", нашиот капитен повторно е дел од анализите на медиумите специјализирани за фудбал кои го величат поради неговите квалитети и одличната форма на претсезонските натпревари.

6 август 2013 - 17:31