Најголемо изненадување во досегашниот тек од квалификациите за Европско 2020 е поразот на Франција во Турција. Французите дојдоа во полн состав, истиот оној кој на лесен начин стана светски шампион (со Мбапе и Гризман), примија два гола и немаа ниту еден единствен удар кон противничкиот гол (првпат за 10 години такво нешто). А кон голот на Лорис беа упатени 11 удари.
ВО ШТО ЛЕЖИ ТАЈНАТА НА ТУРЦИТЕ?
Ако пред неколку години Турскиот фудбалски сојуз се обиде да изгради култ на неосвоива тврдина на познатиот истанбулски стадион „Ататурк“, после извесно време сфатија дека таму не им оди како треба со ривалите и почнаа поредовно да играат на другите големи стадиони во земјата, а да го заобиколуваат „Ататурк“ каде навивачите на Фенер, Галата и Бешикташ непрестано се натпреваруваат кој повеќе ќе ги навреди репрезентативците кои не се од нивен клуб.
Интересно, дури три четвртини од официјалните натпревари на домашен терен, Турција ги игра на повисоки места. На рамнина а не во град со повисока надморска висина играа само против Косово и Финска.
Најчесто Турците играат во Коња (1.030 м/ндв) и Ескишехир (792 м/ндв) кои имаат нови стадиони. Арената во Коња собира 40.000 гледачи и беше отворена во 2014-та, а во Ескишехир во 2017-та се отвори нов супер модерен стадион. Во обично време во овие градови нема топ фудбал. Коњаспор е 8-мо место во првенството а Ескишехир завршил како 14-ти во втората лига.
И покрај тоа, локалното население прави лудо бучна атмосфера на стадионите. На пример против Франција во Коња трибините крцаа и немаше некој што не урлаше. На гостите им било многу нелагодно за игра, а за тоа зборувал дури и Уго Лорис после мечот.
Но ова не мора да биде и пресуден фактор, затоа што има селекции како Сан Марино кои играат на 700 метри надморска висина, па мака мачат да дадат макар еден гол откако постојат како фудбалска репрезентација.
****
Коња е голем град со повеќе од 2 милиони население во центарот на Турција и има гигантска историја. Има десетина религиозни и други музеи.
Ескишехир е на 300 километри југо-источно од Истанбул и има околу 800.000 население. Познат е и како студентски град (таму има две големи образовни институции: Универзитетот Анадолу и Универзитетот Ескишехир Османгази).
Турските медиуми никогаш не ставале акцент на новиот тренд на репрезентацијата да игра во помалите градови каде публиката е просто желна за својот национален тим.
„Ние грешевме во најнезгоден момент, во рана фаза“, се жалел поранешниот селектор на Холандија Дани Блинд после дебаклот 3:0 од Турција. Сега истото го мислат и Французите кои под притисок од бучната публика грешеа во додавањата и просто слабо играа.
КАКО НАДМОРСКАТА ВИСИНА ВЛИЈАЕ НА ФУДБАЛОТ?
Во квалификациите за Европско 2016, Турција играше три меча во Коња и победи против Холандија (3:0) и Исланд (1:0), а ремизираше со Латвија (1:1). Во квалификациите за Светско 2019 играа два меча во Ескишехир, еден во Коња и два во Анталија. Имаа 1 пораз, 3 победи и 1 реми.
Треба да се признае дека Турција не секогаш победува во овие градови и дека ако игра таму сигурно ќе остане непроазена. Например Исланѓаните и Швеѓаните биле тврд орев и на надморска висина од над 700 метри.
Но фудбалот на високи точки одамна е осуден од другите селекции. ФИФА во еден момент ги забрани натпреварите над 2.500 метри надморска височина. За да играат таму, противничките фудбалери мора една недела или 15 дена да се подготвуваат за тешките услови над 3.000 метри.
Во мај 2008 година забраната ја тргнаа и Боливија продолжи да ги пречекува противниците во познатиот Ла Паз (3.640 метри надморска висина). (Еквадор игра во Кито на околу 2.700 метри надморска височина, а Перу уште не се решил да игра во „небеските висини“ во Куско)
Во Турција секако не одат толку високо да играат фудбал, ама пак...
Магазинот Scandinavian Journal of Medicine во една статија пишувал дека разликата мешу 500 и 2.000 метри надморска висина значително влијае на аеробните показатели и дека е потребна аклиматизација. Затоа фудбалерите подолго време пред мечот поминуваат време на таа висина.
Турците ова веќе го сфатиле како предност во однос на ривалите, па по правило доаѓаат во градовите порано од противникот, иако ниту во Коња ниту во Ескишехир не е огромна надморска висина како во Боливија па да се потпираат на тоа.
Турција не играла официјални натпревари во Истанбул од ноември 2014-та. Тогаш пред мечот од квалификациите за Евро 2016, навивачите го навредувале сопствениот голман Волкан Демирел што тој не сакал да излезе и да брани. Сево ова поради големата омраза меѓу навивачите на Галатасарај, Фенербахче и Бешикташ. Тие ги угнетуваат репрезентативците кои играат за ривалскиот клуб, па така Турција веќе подолго време игра во Коња и во Ескишехир каде репрезентацијата е над клупските страсти.