Турција на спектакуларен начин ја разби Грција со Јанис

После Германија, репрезентацијата на Турција е втор финалист на Европското 2025 откако во полуфинале ја нокаутираше Грција со 26 разлика!

Ниту најголемите оптимисти меѓу турските навивачи не очекуваа таква рапсодија против вечниот ривал Грција.

Најголем јунак на финалето испадна Ерџан Османи, крилниот играч на Ефес Пилсен кој одигра животна партија и буквално ја стави големата НБА суперѕвезда Јанис Атетокумбо во џеб.

Исходот на крај практично почна да се наѕира уште во првата четвртина кога Турција на јуришен начин поведе со +12 разлика која набрзо се крена и до +28. Немаше ниту еден момент кога Грците можеа да почуствуваат макар мала надеж и не најдоа играчи во тимот кои ќе направат макар мал обид да се вратат во игра.

Јанис Атетокумбо кој на претходните натпревари на Европското беше апсолутно доминантен, овојпат во полуфиналето беше беспомошен и немоќен. Турција го разби со феноменална одбрана.

Алперен Шенгун, Ерџан Османи и Охриѓанецот Џеди Осман правеа чуда на двете страни од теренот: играа одбрана во транс, во напад блескаа со сјајни асистенции, забивања и погодени обиди за три поени.

Османи го заврши натпреварот со 28 поени, шест скока и две асистенции. 

Џеди Осман за кого турскиот селектор Ергин Атаман веројатно во психолошка игра со ривалот Василис Спанулис пред мечот рече дека најверојатно нема да биде спремен, буквално леташе по теренот и беше втор најефикасен со 17 поени, три скока и три асистенции.

Алперен Шенгун имаше дабл-дабл учинок со 15 поени, 12 скока и шест асистенции а Американецот со турски пасош Шејн Ларкин имаше 14 поени и пет асистенции.

Кај Грција која ќе игра против Финска за бронзен медал, ветеранот Костас Слукас постигна 15 поени со три скока и четири асистенции, а Јанис Атетокумбо забележа дабл-дабл со 12 поени и 12 скока.

Ова ќе биде второ финале на Европско за Турците после 24 години.

13 септември 2025 - 08:50