За фудбалот се вели дека е најважната споредна работа во светот, но историјата памети мечеви кои биле најважната работа за земјите кои се сретнале на терен. Еден од нив е дуелот меѓу Југославија и СССР на Олимпијадата во Хелсинки, одигран на 20 јули 1952-ра година.
Соочување од епски размери кое се раскажува 70 години и кое фудбалската историја не памети друго вакво. Натпреварот имал огромна политичка позадина поради лошите односни меѓу Тито и Сталин, кои настанале откако со Резолуцијата на Инфорбирото 1948-ма, претседателот на СССР Јосиф Сталин, политички го осудил Јосип Броз Тито.
Таа резолуција била повод за тензии и идеолошка хистерија од Трст до Владивосток, а Југославија живеела во психоза за можен воен конфликт со земјите од Советскиот блок. На границите со источните земји секојдневно имало инциденти со жртви, а Тито полека се свртил кон своите официјални идеолошки непријатели, САД.
Во Москва го нарекувале слуга на империјализмот и Јуда на комунизмот, а тој потпишал договор за воена и економска соработка со Американците кои му дале кредити поголеми од 50 милиони долари. Репресиите на Сталин се интензивирале во СССР, но истовремено имало шпекулации за неговата здравствена состојба.
Во една таков специфичен, тензичен и неизвесен период, во Финска се одржале вторите Олимписки игри по завршувањето на Втората светска војна. Игри кои ќе останат запаметени по еден од најисполитизираните фудбалски натпревари.
Осминафиналниот дуел меѓу Југославија и СССР во историјата се памети под називот „Драма во Тaмпере или како што многумина го нарекуваат дуел Тито – Сталин. Тоа било повеќе од игра или поточно прашање за херојство и срам.
За играчите на Југославија тоа било олеснувачки триумф, додека за оние во црвени маици со голем бел кириличен натпис СССР, несреќа и страв за сопствената судбина. Градскиот стадион Ратина почнал да се полни порано и тоа до даска, 17,381 гледачи.
Финските навивачи дошле да видат кој е појак, Тито или Сталин и повеќето скандирале за Тито, што не било чудно бидејќи СССР 10 години претходно се обидел да ја нападне Финска.
Во соблекувалната вриело од нервоза во двете селекции. Малку се зборувало за тактика и повеќе за политичкото значење и надежите на двете татковини. СССР и Југославија биле на раб на војна и во таква ситуација пораз во фудбалот не бил опција.
Селекторот на СССР држел предавања за очекувањата на Сталин и советскиот народ, во соблекувалната бил амбасадорот во Финска, како и многу мрачни ликови со кожни палта, а слична била ситуацијата и во спротивниот табор.
Се читале телеграми од луѓе, кои според некои извори биле 3.000, а пред да се појават на терен, на играчите кои биле бледи и исплашени, член на делегацијата им прочитал телеграма од Тито.
„Нозете ми се пресекоа. Сега оди ти да играш кога Тито ти праќа телеграма“, се потсеќа Владимир Беара, голманот на таа сјајна генерација
На фудбалерите на двата тима им рекле дека не се само фудбалери, туку тие се претставници на својата земја, народ, влада и партија и дека се работи за победа или смрт. Огромен идеолошки товар бил фрлен врз нивните раменици.
Големиот руски репрезентативец Леонид Иванов се сеќава како еден од соиграчите му се обратил со:
„Леонид, денес сме гладијатори. Се игра до смрт“.
А пак еден од најјаките играчи во тоа време, Златко Чајковски им рекол на соиграчите:
„Денес стануваме хеори или кукавици“.
На терен во прво полувреме постоело само една екипа, онаа во сини дресови. Со головите на Митиќ, Огњанов и Зебец, водат 3:0.
Радио преносот од Тампера бил легендарен со рекорден број на слушатели. Се емитувал по улици и железнички станици, а коментирал Радивоје Марковиќ кој во еден момент останал без глас.
„Кога во продолженијата на првиот натпревар, една топка мина преку Беара и леташе кон празниот гол, занемев. Ништо не можев да изговорам. Топката летна во статива, но јас не можев да коментирам и со преносот продолжи Хрвоје Мацановиќ.
На старт на второ, Стјепан Бобек погодил за 4:0. Мирисало на катастрофа за Русите, а во 59-та минута било 5:1. Во СССР немало никаков пренос, а потоа се случиле најцрните 15 минути на една екипа во некој натпревар. Југославија неразбирливо се повлекла во одбрана и почнала панично да го чува резултатот од кој и самите се уплашиле.
„Одеднаш почувствувавме неразумен страв од такво водство. Да беше помало, ќе ни беше полесно и ќе го сочувавме, а вака во нас влезе некој немир“, вели Бобек.
Од 75-та минута до 90-та примиле 4 комада и резултатот бил 5:5. Во продолженијата играчите на двете репрезентации биле исцрпени.
„Едвај го чекавме крајот и се плашевме да не изгубиме. Бевме целосно истоштени. Не можев да дишам, а камоли да трчам“, вели легендарниот Бобек.
Според тогашните правила после продолженијата немало пенали и морало да се игра реванш и тоа по само два дена на истиот стадион, со истиот судија од Англија, пред истиот број на возбудени навивачи кои повеќето навивале за Тито. Овој пат телеграма стигнала за руските фудбалери на кои Сталин им порачал дека од Југославија не смее да се изгуби.
Мотивацијата вродила со плод и веќе во 6 минута го отвориле резултатот. Но сепак, идеолошката победа во сред загреани политички страсти и припаднала на Југославија која направила пресврт за конечни 3:1. Стрелци капитенот на Црвена Звезда, Рајко Митиќ, па Златко Чајковски и на крај Бранко Зебец.
Југославија во четвртфинале ја совладала Данска со 5:3, во полуфинале Германија со 3:1, но финалето го загубила 2:0 од Унгарија, предводена од незадржливиот Ференц Пушкаш. Но за тој пораз никој не и замерил.
По нивното враќање, Тито ги примил фудбалерите, им честитал и според легендата на секој играч му дал награда од 100 американски долари.
Според пишувањата на тогашните весници, тројца луѓе починале од инфаркт за време на натпреварот. Каква средба било тоа на титаните и од колкава важност, говори фактот што резултатот од вториот меч во СССР го дознале неколку години по смртта на Сталин. Поразите во негово време биле забранети.
Натпреварот се претворил во трагедија за поразениот тим. Кога играчите се вратиле во Москва, се очекувале дури и апсења, но на станица, никој не ги пречекал. Сталин го истурил гневот со тоа што за казна не им дозволил да играат во квалификациите за ЕП 1954, но не само тоа.
Ја растурил ЦДКА, која во тоа време бил воен клуб на Црвената армија и од каде доаѓале повеќето репрезентативци. Шесткратниот првак бил исфрлен од лига и распуштен, а играчите расфрлани по други помали клубови.
Две години подоцна, по смртта на Сталин, клубот бил обновен под името кое го носи и денес, ЦСКА Москва. Во Југославија фудбалерите биле како кралеви, а Тито на некои од нив, како Вукас, Беара и Зебец им дал дозвола да играат во странство, што до тогаш било преседан.