
Португалскиот тренер Рубен Аморим го одведе Манчестер Јунајтед до големото финале на Лига Европа каде ќе се сретнат со Тотенхем, а победникот ќе ја спаси мизерната сезона и ќе обезбеди пласман во Лига на шампиони за следна сезона.
Од управата му соопштиле на Рубен Аморим, а во склоп на плановите кои се прават за финалето, дека нема да дели бесплатни карти на неговите соработници ниту на вработените во клубот кои имаат секојдневни обврски поврзани со првиот тим.
Аморим вџашен од најавата, решил самиот да ги подмири трошоците за влезници на финалето за 30 вработени во клубот и тоа со своја придружба.
Манчестер Јунајтед по доаѓањето на најбогатиот Британец, Сер Џим Ратклиф на чело на клубот почна сериозно да го стега каишот па често од „Олд Трафорд“ пристигнуваат бизарни вести за тоа дека на вработените им се укинати појадоци, ужина, ручеци во клупските мензи со цел да се заштедат средства.
Управата сега вели дека одлуката на фудбалерите и стручниот штаб да им се даде само по два билети за нивните најблиски е со цел клубот да обезбеди повеќе карти за навивачите.
И Манчестер Јунајтед и Тотенхем за големото финале на Лига Европа во Билбао на прекрасниот стадион „Сан Мамеш“ ќе добијат по 15.000 влезници.