Овој човек е пример за тоа како треба да се води една битка. За него таа е многу поголема од другите тренери, затоа што е двојна, болна и емотивна. Се бори да победи на теренот, а истовремено и против најтешката болест.
Кариерата за Швеѓанецот е интернационална. Како играч бил познат како одличен спринтер и техничар. Има настапувано во вкупно шест земји како член на Гетеборг, Мехелен, ПСВ, Шефилд Вендздеј, Бари, Болоња, Лече и Олимпик Марсеј.
Некои дестинации не му се погодиле. Тренерот на ПСВ не го сакал во тим, а имал проблеми и со оној на Шефилд, затоа што и покрај тоа што трчал како животно, по тренинзите одел директно во паб. Во Болоња работел под водство на Франческо Гвидолин за кого изјави дека е идиот и дека погрешил кога го одбил Фабио Капело за трансфер во Рома.
Ингенсон скоро една декада бил дел и од репрезентацијата на Шведска со која успеа на Мундијалот во 1994 година да заврши на третата позиција, а навивачите го сметале за култен херој и го викале Клабе.
По пензионирањето во 2001 година решил да работи на својата фарма од 815 хектари, но на терен го вратила неговата сопруга која сметала дека треба уште да игра фудбал. Направил кам бек онаму каде што тренирал како дете, во Одешогс, клуб од петтата шведска лига. Во 2009 година му дијагностицирале тешка форма на рак.
„Кога ме известија, сè пред мене беше црно. Имав многу луѓе во фамилија кои имаа рак и за мене тоа беше збор на смртта. Но откако ми се намали шокот, решив да направам избор во животот и да се борам како Супермен, затоа што сметав дека многу е важно да продолжам и да работам, но се разбира истовремено да се грижам и за семејството“.
Ингенсон почнал да го тренира младинскиот тим на Елфсборг, но кога во септември минатата година бил отпуштен тренерот на првиот тим, бил избран да го замени.
Тешката болест почнала да го блокира во движењето, па од претсезонските подготовки во февруари, докторите го известиле дека мора да користи инвалидска количка.
„Болките ми кружат по телото, од колената, грбот па се до градниот кош, а ми атрофираа и мускулите. Постојано разговарам со докторите и тоа ќе го правам до крајот на животот. Тие заедно со мојата сопруга постојано ме бодрат и ми велат: Напред, ти можеш. Единствената работа за која сум загрижен е моето здравје да не влијае врз тимот. Зборував со нив и тие ја знаат мојата ситуација. Во количка сум и го имам ова срање, но тоа е. Им реков дека не сакам да ме гледаат грижливо, сакам се да ми кажуваат во очи“.
45 годишниот Ингенсон има рак кој според статистиките, 37% од заболените кои го имаат живеат уште нешто повеќе од пет години. Тој веќе петта година работи во ваква состојба и не планира да се повлече од фудбалот.
Минатиот викенд успеа да го освои Шведскиот Куп откако неговиот тим во финале го порази Хелсинборг со 1:0, но поради операција не можеше да присуствува на славјето. Тренерот кој е роден со стисната тупаница и со јуначко срце, минатиот месец со отворено писмо се обрати преку веб сајтот на неговиот клуб.
„Прочитав многу натписи во медиумите за нашата успешна работа во Елфсборг, а тоа ме прави среќен. Но прочитав и некои колумни во кои се поставува прашањето дали поради мојата болест треба уште да ме држат како тренер, а тоа ме иритира. Моето ниво на работа е истото од кога се разболев од 2009 година што значи дека сум здрав. Со оглед на многуте третмани, многу сум послаб, слаби ми се и коските и моето тело не е какво што треба да биде на 45 години. Но доста се зборува за мојот рак. Јас имам договор со клубот како тренер. Физички и психички немам проблем да работам. Секој треба да биде критикуван за својата работа, па така и јас. Но критиките треба да се однесуваат во поглед на тоа колку сум добар во тоа што го работам, а не затоа што имам болест или хендикеп“.