Трамп го пречека Интер Мајами и на Меси му зборуваше за Роналдо

Шампионот во МЛС лигата за првпат во историјата стигна до овој трофеј, Интер Мајами беше на гости во Белата Куќа кај претседателот на САД Доналд Трамп кој организираше прием за Меси и другарите.

Капитенот Лионел Меси влезе за првпат во својот живот во Белата Куќа и заедно со претседателот на Интер Мајами Хорхе Мас му подариле подарок на првиот човек на САД Доналд Трамп.

Меси влегол во екипата и стручниот штаб во таканаречената Источна соба а на Трамп со Хорхе Мас му подариле розева фудбалска топка со потпис од Меси. Трамп добил и дрес од Мајами со број 47 и натпис Трамп на грбот. Добил и часовник од тренерот Хавеир Маскерано.

Меси во Мајами дојде во јули 2023-та година и очигледно ужива во престојот во САД.

„Почестени сме што пречекувавме навистина талентирани луѓе. Моја привилегија е да кажам нешто што ниту еден американски претседател никогаш немал шанса да каже претходно: 'Добродојде во Белата Куќа, Лионел Меси'.

Син ми ми вика: 'Тато знаеш ли ти кој ќе дојде денес тука?! Му викам: 'Не, имам толку многу нешта. А тој ми вика: 'Меси!'.

Тој е твој голем обожавател. Вели дека си навистина најголем. И мислам дека го запозна пред малку. Тој е голем фудбалски обожавател, но посебно те сака тебе. И еден џентлмен по име Роналдо. Кристијано е голем. Ти си голем'.

Интер Мајами го крена пехарот во МЛС Купот на 6-ти декември откако го победи Ванкувер Вајтакпс 3-1 во Форт Лодердејл а Аргентинецот беше прогласен за МВП втора сезона по ред во МЛС.

„Лео, ти дојде и освои, и тоа е навистина тешко да се направи, навистина многу многу невообичаено и искрено има многу притисок на тебе што никој не знае, зошто од тебе се очекува да освојуваш, но речиси никој не победува“, рекол Трамп.

Меѓу гостите зад Трамп стоеа и Луис Суарез, Родриго Де Паол, Тадео Аљенде. Биле тука и комесарот на МЛС лигата Дон Гарбер, Андеј Џулијани кој е шеф на канцеларијата за организација на Светско првенство. Тука биле и членови на кабинетот на Трамп.

Во еден момент од својот говор, Трамп почна да чита и детали од финалето меѓу Интер Мајами и Ванкувер:

„Лео тури во џеп еден дефанзивец на Вајткапс и му додаде на големиот Родриго Де Пол. Каде побогу е Родриго? Имаш ли ти некој неубав играч во тимот?“ му се обрати на првиот човек на Интер Мајами и ги насмеа сите присутни:

За време на церемонијата во четврток, Трамп зборувал и дека тој го гледал Бразилецот Пеле како игра за Њујорк Космос. Дури и се свртел кон Меси и му рекол: “Ти си можеби подобар од Пеле. Кој е подобар?“ на што Лионел и другите се насмеале.

По средбата, Трамп ги поканил сите во Овалната канцеларија.

Овој настан има долга традиција во американскиот спорт, екипата која ќе освои шампионска титула во некој спорт да има прием во Белата Куќа.

Прв фудбалски шампионски тим што дошол кај американски претседател е ДиСи Јунајтед од МЛС лигата во 1998-ма година откако освоија шампионска титула а ЛА Галакси во три наврати беше гостин во Белата Куќа како шампион во 2011, 2012, и 2014.

Меси првпат доби покана од администрацијата на Џо Бајден да добие орден Претседателски медал на слободата во јануари 2025 но тој не можеше поради обврски на теренот.

6 март 2026 - 08:43