Тотален хаос во Ј. Америка, Колумбија и Аргентина кренаа раце, Копа Америка во Бразил

За 13 јуни е закажана Копа Америка, најголемиот турнир на континентот Јужна Америка, пандан на Европско првенство, но за разлика од Стариот континент, таму е тотален хаос со организацијата.

Копа Америка треба (макар така е официјално договорено) да почне на 13 јуни. Го пренесоа од лани кога беше одложен поради познати причини.

Лани Копа Америка требаше да стане прв турнир организиран во две земји: Колумбија и Аргентина. Но пред пар недели Колумбијците откажаа домаќинство поради нестабилната ситуација во земјата.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО?

На крајот од април во Колумбија почнале масовни протести против новите даночни реформи на владата. БДП-то на Колумбија за минатата година паднал на 6,8% и властите на чело со претседателот Иван Дуке предложиле да компензираат со зголемување на даноци за физички лица.

Народот се побунил и излегол на улици па почнале големи нереди со полицијата и војската. 

Колумбиските медиуми деновиве соопштувале за 68 жртви и околу 89 исчезнати лица во големите нереди. Повредени се повеќе од 800 лица а приведени повеќе од 500.

НИКОМУ НЕ МУ Е ДО ФУДБАЛ НИ ДО КОПА АМЕРИКА

Некаде пред крајот на мај колумбиските клубови продолжиле со натпреварите но средбите во градот Баранкиња биле прекинати поради употреба на солзавец од полицијата која ги растерувала присутните.

„Убијци“, „Нема мир, нема фудбал“, се читаа пароли ширум улиците на Колумбија.

Претходно Ривер Плејт требаше да игра во Колумбија меч од Копа Либертадорес. Но колумбиските клубови морале да ги играат своите натпревари во други земји а одложено беше и коло од Копа Либертадорес.

„Ако Колумбија не може да организира клупски натпревари на 27 мај, како
ќе може да организира турнир за репрезентации од 14 јуни“?, праша Тим Викери, еден од водечките британски новинари во Јужна Америка.

ШТО ЌЕ БИДЕ СЕГА СО КОПА АМЕРИКА?

Колумбија официјално побарала турнирот да се одложи за ноември со оправдание дека за пола година Копа Америка ќе може да се игра пред полни стадиони и тоа ќе донесе приходи плус.

Но прашање е кој клуб ќе ги пушти своите репрезентативци среде сезона?

КОНМЕБОЛ на крајот размислувал натпреварите да се играат само во Аргентина, но таму ситуацијата со Ковид е пеколна.

Според новинарот на The Athletic, Ед Мелион од 12 земји со најлоша ковид состојнба на светот, дури 7 се наоѓаат во Јужна Америка а 6 од нив треба да играат на Копа Америка. 2 требаше да бидат домаќини: Колумбија и Аргентина.

Аргентина е петта на светот според бројот на заболени лица: на 31 мај имало 357.000 заболени а по бројот на случаи на 100.000 лица во Јужна Америка само Уругвај се држи некако.

Кризата почнала од почетокот на април а лекувањето го отежнува мутацијата на вирусот - P1 кој се развил во Бразил (трета земја во свет по број на заразени). 

На 21 мај Бразил влегол во тотален локдаун, а спортот бил одложен за подобри времиња. Но и тоа не помогнало бројката на заболени драстично да падне.

Дури и играчите кои се вратени од Европа во Јужна Америка за подготовки за Копа Америка сомневаат дали ќе се одржи. „Треба да обрнеме внимание прво на здравјето на луѓето“, рекол Луис Суарез кој штотуку стана шампион на Шпанија со Атлетико Мадрид. 

БРАЗИЛ ФИНАЛНО РЕШЕНИЕ?

КОНМЕБОЛ (Јужно-американска фудбалска конфедерација) објави дека нов домаќин на Копа Америка 2021 ќе биде Бразил. За алтернативи се спомнуваат Чиле и САД.

„Најдобриот фудбал на светот ќе донесе радост и страст на милиони јужноамериканци. КОНМЕБОЛ му благодари на претседателот Жаир Болсонаро и неговиот тим, како и на Бразилската фудбалска федерација за тоа што земјата ги отвори вратите за најсигурниот спортски настан на светот“, твитнале од официјалниот акаунт на КОНМЕБОЛ.

Бразил во 2014 беше домаќин на Светско првенство, па во Рио во 2016 се одржа Олимпијада. Последен пат Копа Америка во Бразил се играше во 2019-та.

Според некои пресметки, Копа Америка во 2019-та на Бразилците им донела 118 милиони долари пиходи и овој турнир станал втор по големина на годишни приходи после Копа Либертадорес.

Годинава секој учесник на Копа Америка треба да добие минимум по 4 милиони долари а победникот уште 10 милиони.