Протестот на навивачите на фудбалскиот клуб Хајдук, вроди плод. Градските власти во петокот ја одбија гаранцијата за кредит од 30 милиони куни (околу 4 милиони евра), но протестот на Торцида ги натера да закажат нова седница.
Дождот во Сплит не ги спречи навивачките протести во петокот, а тие денес во голем број повторно се собраа пред зградата на градското собрание.
Припадници на специјалната полиција беа распоредени околу зградата, но немаа потреба да интервенираат. На седницата на градските власти, едногласно беше донесена одлуката за издавање гаранција за кредит на Хајдук.
Доколку Хајдук отидеше под стечај, фудбалскиот клуб немаше да го изгуби прволигашкиот статус, но ќе му беа одземени најмалку десет поени, ќе останеше без целиот имот, а фудбалерите ќе беа ослободени од договорите.