Тимот од 146 милиони евра кој разочара

Италијанците веќе ги сумираа впечатоците од првиот дел од сезоната во Серија А и ги издвоија најзвучните имиња од кои се очекуваше повеќе. Составија тим со формација 3-4-3, каде доминира Рома со тројца играчи и тренерот.

Со самиот факт што поранешниот голман на Реал Мадрид, Диего Лопез (3 милиони евра) не успеа да фати место во Милан е разочарување на сезоната. Тој има квалитет да брани во секоја екипа во Серија А.

Лацијалите очекуваа многу повеќе од Маурицио (4,5 милиони), но бразилскиот стопер кој дојде од Спортинг често правеше киксови и редеше црвени картони. Антонио Ридигер (10 милиони) доби доверба кај Руди Гарсија само затоа што Кастан е повреден, а за Матија Де Шиљо од Милан веќе подолго време се зборува дека има светла иднина.

Фудбалерот од средниот ред кој целосно потфрли оваа сезона, а лани газеше за Лацио е Фелипе Андерсон (20 милиони). Интер минатото лето на Монако му исплати 35 милиони евра за Кондобија (24 милиони) само за да го надмудри Милан, но Французинот не ги оправда парите.

Хернанес (10 милиони) отиде во Интер да брка титули, но не се снајде ни таму, ни во Јуве и никако да заигра како во Лацио. Во тој дел од играта слабо му оди и на Хонда (9 милиони) кој лани беше еден од главните фудбалери на Милан.

Повредите на Жервињо и Салах му овозможија повеќе простор на Итурбе (15 милиони) во стартниот состав, но фудбалерот на Рома игра слабо. Во Рим недостасуваа повеќе голови и од Един Џеко (18 милиони).

Најскап во овој состав е Алваро Мората (25 милиони), но тој има постигнато само еден гол за Јуве во Серија А, на 4 октомври против Болоња.

Иако за Рома се смета дека после Јуве има најквалитетен состав во Серија А, на Руди Гарсија не му оди така добро оваа сезона. Во домашното првенство е петти, а пласман во осминафинале од ЛШ обезбеди со 6 бода, што е најслаб учинок кај екипите кои се пласирале во нокаут фазата во историјата на натпреварувањето.

25 декември 2015 - 12:35