Исак Куенка, Кристијан Тељо, Жерар Делофеу и други технички потковани дечки стигнаа до првиот тим на Барселона, а потоа поради голема конкуренција се раштркаа по други клубови. Сите тие го почнале фудбалскиот пат во Ла Масиа, ја сакале Каталонија и се восхитувале на системот на Јохан Кројф. Но на крајот останаа да висат некаде меѓу фудбалската елита и некреативната средна класа.
Куенка менуваше лиги и сезонава се скраси во Гранада која што е последна во Примера. Тељо направи неколку обемни тетоважи, две години беше во Порто и на крајот пушти корен во Фиорентина. Хефрен Суарез (веројатно го паметите и него) стигнал до белгискиот Ејпен познат само по тоа што таму едно време играл постариот брат на Пјер-Емерик Обамејанг.
За репрезентација никој од нив не играл, а реална шанса за тоа имаше Делофеу кој во еден момент реши да се отараси од статусот „банкиљеро“ (резерва) и замина во Премиер лигата каде добива повеќе шанси во првите 11.
Така направи и Педро, кој за разлика од другиве ѝ помогна на Барса да ги освои сите можни трофеи пред да замине во Англија. Многу ја напуштаа Каталонија (најчесто на позајмица) со намалена цена за трансфер. Куенка, Афелај, Хефрен па дури и Чигрински и Делофеу не освоија ништо во составот на Барселона.
Тиаго и Рафа Алкантара се поинакви. По возраст и во историски рамки тие се поблизу до Тељо и Куенка, но по фудбалски интелект и амбиција се блиску до Пике, Фабрегас, Бускетц: браќата никогаш не биле тука за да пополнат број на клупата. После две цели сезони со Чави, Иниеста, Сонг и Кеита, постариот од браќата Тиаго замина во Баерн Минхен каде сега практично е незаменлив во средниот ред со Видал и Чаби Алонсо.
„Би сакал Тиаго да се врати. Порасна во тимов и во неговата ДНК е Барселона“, вели таткото на браќата Алкантара. Пеп го повика него во Бундеслигата од причина што играчот од средниот ред веќе ја знаеше тики-таката и лесно се вклопи баварската пас игра.
Тиаго може да игра во секоја позиција во нападот и на соиграчите им дели топки „на тацна“. Во детството Тиаго и Рафиња се забавувале со сервис на плажа: ја префрлале топката преку мрежа и забивале со ножички.
Фудбалот и одбојката им се семејно наследство, затоа што мајката на малите, Валерија Алкантара професионално играла одбојка, а татко им е познатиот фудбалер Мазињо кој со Бразил во 1994 стана светски шампион.
„Тиаго одлично го гледа теренот и знае да го даде последниот пас, вели за постариот син таткото Мазињо, кој играл во средниот ред во ’90-те години. Во животот тој е сериозен и дисциплиниран како мене. Поради тоа Алкантара ја избра Германија и најмеханичката екипа во Европа“, додава таткото на браќата.
Тиаго се чуствува комфорно во Европа. Роден е во италијанскиот град Бари, многу патувал со младинската репрезентација на Шпанија и на крај решил да игра за “Ла Рохита“ пред да го викнат за сениорската „Ла Роха“. Рафиња исто играше за шпанските младински селекции, но на крај го избра Бразил.
За разлика од постариот брат, кој настапуваше на јуниорските Европски првенства, Рафиња секое лето го поминувал дома во друштво со другарите во Рио де Жанеиро. Дури и на терен Рафиња повеќе изгледа како Јужноамериканец отколку Европеец, вели Мазињо и додава дека неговиот помлад син најмногу од се сака да дрибла и да шутира од далеку кон противничкиот гол.
Така шарен бил и карактерот на Рафиња, кој редовно се шегувал со сите во семејството и родителите никогаш не знаеле кога е сериозен кога се зафркава и исмејува со нив.
Така Мазињо решил еднаш да го проучи карактерот на синот во највозбудливиот момент за него - после пробата во Барселона, тогаш 12-годишниот Рафиња слушнал дека не бил добар и дека во Ла Масиа ќе игра само еден од браќата Алкантара.
Тогаш Тиаго се тргнал на страна и почнал да му се смее на брат му кој не знаел дека и двајцата се примени. Почнал да плаче и да удира по вратата пред да му кажат дека и двајцата ќе тренираат во најдобрата европска академија.
Шест месеци после пробата Рафиња го ставиле голман да брани. „Ми дадоа маркер во дречлива боја, високи штуцни и ракавици. Како дете обожавав да бранам, а во Селта каде играше татко ми, учев многу од легендарниот Ришар Дутруел“, вели Рафиња, сонародник на Клаудио Тафарел и Дида.
Мазињо додека играл во Селта Виго успеал да му ја пресади љубовта кон овој клуб со небесно-сини дресови на син му којшто ја обожувал атмосферата на стариот стадион „Балаидос“. Рафиња во Селта беше на позајмица во сезоната 2013/2014, после што се врати во Барселона и се приближи до првиот тим.
Селта во тоа време ја тренираше Луис Енрике, но Бразилецот со него се запозна неколку години претходно во Барселона Б, каде покрај браќата Алкантара играа уште и Нолито, Џовани дос Сантос, Џонатан Сориано, Серџи Роберто, Марк Бартра и други талентирани дечки. „Често се работеше на физичката издржливост и многу трчавме“, се сеќава Рафиња на времето од Селта.
Двајцата браќа, како и многу Латино-американци имаат неколку тетоважи по телото: имиња на родителите, датум на раѓање, како и тетоважата од заедничката фотографија под која пишува љубов. Тиаго Алкантара има 7 настапи за Шпанија за која несреќно го пропушти Европското првенство во 2012-та поради повреда. Рафиња, помладиот од браќата има два настапи и еден постигнат гол за Бразил.