Капитенот, селекторот, Елмас и Џани се појавија во опуштено издание во „Еден на Еден“, а покрај шегите, зборуваа и која е разликата меѓу Мрме и Биелса, како и Мрмињо и Мурињо? Кој играч би го земал Пандев во репрезентација од сите досегашни со кои што играл. Што вели Елмас за статусот на Пандев во Наполи и општо во Италија. Лесно ли Мрме го кандисал Пандев да се врати во репрезентација?
Елмас на 5:00 за пласманот на ЕП.
„Сите знаевме за што играме и свесни сме што направи бате Горан до сега. Бевме должни да го направиме тој последен чекор што му фалеше во кариерата. Тоа беше ЕП. Се надевам дека после ова ќе следува Светско и дека тој ќе биде дел од нас. Бате Горан имаше говор кој сите не допре до срце, а ние со селекторот рековме дека играме за бате Горан. Среќни сме што му го исполнивме сонот и на него и на цела нација“.
Мрме на 14:08 за атмосферата во репрезентацијата.
„Кога дојдов на оваа позиција сакав да направам тим кој долго време ќе биде заедно, во кој тешко ќе се влегува и им кажав дека јас сум прв кој верува во вас. Како цел поставив пласман на ЕП. Но, покрај пласманот кој е гордост на цела Македонија, среќен сум што успеавме да изградиме еден култ во репрезентацијата каде сме добар репрезент на начинот на кој ние го поминуваме времето заедно. Мислам дека во Македонија сите треба да го видат тоа и тоа е начинот на кој можеме да функционираме и како репрезентација и како држава. Задоволство е да се работи со вакви момци и во ваква атмосфера“.
Пандев на 16:08 за тоа во што се разликува оваа генерација од другите.
„Пред 3-4 години кажав дека ова за мене е најдобра генерација, бидејќи се разликува многу од другите. Оваа генерација го нема балканскиот и македонски менталитет, туку има европски менталитет. Ние имаме респект кон секој противник и знаеме што имаме да дадеме. Оваа генерација и овој селектор ги краси победнички менталитет. Ние сме играле порано нерешено со Холандија, а после три дена губиме од Андора. На оваа генерација тоа шест години не и се случило. Ние како што играме против Германија, Италија и Шпанија, така играме и против Гибралтар“.