Тандем од Барселона ќе го предводи нападот на Анталија

Откако министерот за надворешни испрати авион за Ето во Италија, во истиот клуб доаѓа уште една голема ѕвезда. Тоа е Роналдињо по кој ќе збеснат турските навивачи.

Поранешниот фудбалер на Барселона и ПСЖ соопшти дека го напушта мексиканскиот клуб Квертато и неговата следна дестинација ќе биде Анталија каде веќе е официјализиран трансферот со Самуел Ето од Сампдорија.

„Постигнавме договор со Роналдињо и за два дена треба само да го официјализираме договорот. Освен Роналдињо и Ето, очекувам уште едно големо име во нашиот клуб. Кога се ќе биде готово ќе го запалиме светот“, изјави претседателот на клубот Гултекин Генчер.

Во интервју за турското радио Радиоспор, трансферот го потврдил и Умит Акбулут кој го претставува Роналдињо во Турција и кој се сретнал со братот на Бразилецот и со првиот човек на Анталија.

Презентацијата на двајцата напаѓачи кои играа заедно за Барселона од 2004 до 2008 година е планирана за 7 јули.

Акбулут објави и видео од Роналдињо на кое вели дека наскоро ќе оди во Турција.

30 јуни 2015 - 11:53