Министерот Мевлут Чавушоглу дал на располагање авион кој е во сопственост на турското министерство за надворешни работи за Самуел Ето што побрзо да дојде од Сампдорија во Анталијаспор.
„Му изразуваме огромна благодарност на нашиот министер Мевлут Чавушоглу за залагањето во процесот на трансферот“, стои на сајтот на Анталијаспор, според кој станува збор за помош од министерот.
Сепак, на таквата помош не гледаат сите исто. Како што пишува турскиот Заман, Чавушоглу го дал авионот на располагање до Милано и назад, за да се заврши зделката со Ето и Камерунецот да се донесе во Турција. Авионот тргнал вчера во 13 часот по турско време (12 по средноевропско). Опозицијата во Турција веднаш отвори дискусија и го критукуваше министерот зошто „од народни пари праќа авион за трансфер на фудбалер“.
„Трошоците за авионскиот превоз ги плати нашиот клуб и нема ништо спорно. Одлуката на министерот без потреба е предмет на расправа.“, велат од Анталијаспор откако во Турција се разгоре полемика.
По Самуел Ето во Милано дошол Гидеон Генчер, претседателот на Анталијаспор. Генчер во Милано се нашол со Клаудио Вигорели, менаџерот на Ето со кој договорил 3-годишен договор за поранешната ѕвезда на Барселона и Интер. Сега топката е кај Сампдорија, која треба да одлучи што ќе прави со Ето затоа што Камерунецот уште има важечки договор со клубот од Џенова.
Покрај Ето, турскиот клуб соопшти дека во наредните 10 дена екипата ќе ја засилат или Роналдињо или Ибрахим Афелај.