Таман се ратисавме од идејата за Суперлига, УЕФА донесе епски глупи реформи

Само 12 часа откако се објави веста за Суперлига поддржана од 12 богати клубови, УЕФА заседаваше и за да им угоди на тие разгалените, донесе чудни одлуки за во иднина.

Додека зборуваше за Суперлига, претседателот на Реал Мадрид Флорентино Перез меѓу другото кажа и:

„Варијанта со реформи од УЕФА не нè убедува. Ни форматот кој никој не го разбира, ни времето на реализација зошто таа реформа ќе биде дури во 2024-та... Подобро порано да ја исправиме ситуацијата зошто сите клубови ќе банкротираат. Од банкрот екипите ќе ги чека бунт, зошто ќе преживеат само клубовите кои се финансирани од државите или оние кои имаат газди мултимилионери“.

Флорентино Перез неколку пати кажа дека не го разбира форматот на Лига на шампиони кој ќе стартува од 2024 и кој го викаат швајцарски модел.

ШТО ЌЕ ИМА ВО НОВИТЕ РЕФОРМИ?

УЕФА во целост ја смени првата рунда од Лига на шампиони.

- Наместо досегашните 32 клуба, ќе има 36

- Никакви групи веќе нема да има

Се укинува форматот со осум групи од по четири тима и се преоѓа на една заедничка лига. Нема да игра секој со секого зошто така би имало премногу натпревари, туку на сила ќе стапи „швајцарски модел“. Наместо актуелните шест, ќе има 10 кола - секој клуб ќе одигра 5 меча дома и 5 на гости

- Нема да се повторуваат исти противници како досега па секој да игра по 2 пати со секого, туку во првата фаза ќе има 10 меча а со ждрепка ќе биде одлучено кој во кој шешир ќе биде и кој со кого ќе игра. Во секое коло меѓу себе ќе играат горе доле „соседите“ на табелата, па ќе се зголеми неизвесноста на турнирот и ќе го зголеми бројот на топ натпревари

ДАЛИ СЕГА РЕАЛ, БАРСА И ДРУГИТЕ ГОЛЕМИ ЌЕ ИГРААТ ПРОТИВ ПСЖ, БАЕРН И ДРУГИТЕ И НЕМА ДА ИГРААТ ПРОТИВ ПОСЛАБИТЕ?

Не е сосема така.

36 клуба ќе бидат расподелени во 4 шешири (по 9 во секој шешир). Принципот ќе биде ваков:

Екипите од 1 шешир ќе играат: 2 меча со екипи од прв шешир, 3 меча со екипи од втор шешир, 3 меча од екипи од трет шешир и 2 меча од екипи од четврт шешир;

Екипите од втор и трет шешир ќе играат: 3 меча со екипи од прв шешир, 2 меча со екипи од втор шешир, 2 меча со екипи од трет шешир, 3 меча со екипи од четврт шешир.

Екипите од четврт шешир ќе играат: 2 меча со тимови од прв шешир, 3 меча со тимови од втор шешир, 3 меча со тимови од трет шешир, 2 меча со тимови од четврт шешир.

Конечната одлука и потврда за овие шешири треба да се донесе на крајот од 2021 година.

КАКО ЌЕ СЕ ОПРЕДЕЛИ СОСТАВОТ НА НОКАУТ ФАЗАТА?

Првите 8 тима од табелата ќе одат во 1/8 финале. За останатите патници ќе се борат екипи од 9-то до 24-то место. Тие ќе играат бараж во формат на два меча (9-16 место против оние од 17 до 24 место на табела). Победниците ќе одат во 1/8 финале, поразените продолжуваат во Лига Европа.

Останатите 12 екипи од 25 место до 36 место на табелата ќе испаднат.

Понатаму следува нам познатиот традиционален плејоф, нокаут фаза со по 2 меча во 1/8 финале, 1/4 финале и 1/2 финале и еден меч за финале.

3 ПАТИ ЛШ ВО ЕДНА НЕДЕЛА

Според предвиденото, Лига на шампиони од 2024-та би се играла три дена неделно (вторник, среда и четврток) со што би бил зголемен и фондот за телевизиски права што секако најмногу ги интересира најбогатите клубови.

Од септември до декември УЕФА планира да се одиграат 100 меча повеќе од претходно (би требало да има дури 225 натпревари), а шампионот до титулата би стигнал после 17 или 19 меча! Денес шампион во Лига на шампиони се станува по 13 одиграни средби и победа во евентуално финале. 

А ШТО Е РАБОТАТА СО ДОПОЛНИТЕЛНИ 4 КЛУБА? КАКО ЌЕ ГИ БИРААТ НИВ ЗА 4 НОВИ МЕСТА?

Квалификациите за Лига на шампиони ќе си останат како што е ден-денес. Измени ќе има само во екипите кои ќе имаат можност да играат квалификации.

Дополнителните 4 места во ЛШ ќе бидат пополнети врз основа на 3 различни критериуми

Најсилните европски лиги и натаму ќе останат со 4 сигурни директни учесници, но тоа не е сè. Два тима кои се најдобро рангирани по УЕФА коефицентот а кои не обезбедиле пласман во Лига на шампиони преку своето првенство а обезбедиле пласман во Лига Европа или Конференциска лига, ќе обезбедат директен пласман во Лига на шампиони. 

Ова е смислено за најбогатите клубови кои и ако некогаш имаат лоша сезона и не обезбедат место во ЛШ, УЕФА им прогледа низ прсти и да ги пушти.

- Едно место за четвртиот тим од петтата лига на ранг листата според коефиценти. Во моментов тоа е Франција, но веќе следната сезона таа лига би можела да биде Португалија.

- Едно место за победникот на тн. шампионска патека во квалификациите за ЛШ