Во хотелот НХ на Пјаца Република во Милано од 24 до 28 јануари 2012 година престојувало момче од Аргентина, со долга сина коса. “Тоа е фудбалер“, коментирале хигиеничарките. Таму се будел, појадувал и се спремал за тренинг во теретаната на хотелот.
Во исчекување на повик или смс порака, слободното време го поминувал и со џоистикот в рака играјќи плејстејшн, а можеби тимот со кој играл бил една од неговите желби да стане и негов клуб во кариерата.
Ова е приказната за Макси Лопез, кој сега ја грее клупата на Киево, а пред три години неговиот трансфер беше во центарот на вниманието во зимскиот преоден рок.
На почетокот од 2012 година, Адријано Галијани договори трансфер на Пато во ПСЖ. Завршена зделка која требаше само да се официјализира и од која Милан ќе заработеше 30 милиони евра.
Планот на Милан беше парите да ги реинвестира во Тевез од Манчестер Сити кој во тоа време не играше многу под водство на Роберто Манчини. Но на 12 јануари, се случи неочекуван пресврт. Пато, кој инаку беше во врска со Барбара Берлускони, изјавил дека сака да остане во Милан. Тоа го потврди и Силвио Берлускони, по што трансферот во ПСЖ пропадна.
Следниот план на Галијани бил ангажман на Макси Лопез од Катанија, но тоа го договорил на негов начин: “ќе го купиме, само во случај ако не успееме да го донесеме Тевез“. Макси се преселил во НХ хотелот и чекал вести од својот агент Андреа Д`Амико додека Галијани работел на случајот во Манчестер.
Трансферот со Тевез била речиси завршена работа, но во последен момент Граѓаните одредиле клаузула за играчот, која не била прифатлива за Милан. Тоа значело дека вратите од хотелот за Макси почнале да се отвораат, а Катанија му дала последен рок на Галијани до 28 јануари, 19 часот.
Кога часовникот покажал 19:00, на телефонот на потпретседателот на Милан стигнала смс порака: Што решивте? Галијани се одлучил и ја прифатил понудата на Лопез. Аргентинецот изјавил дека во Милан сакал да остане до крајот на кариерата, а Галијани за Тевез рече дека ќе проба пак во јуни.
Што се случи по шест месеци. Макси Лопез кој за 1,5 милиони евра беше позајмен играч на Милан, постигна два гола на 11 средби и потоа не доби шанса да остане. Тевез остана во Сити до 2013-та, а потоа замина во Јувентус за 11 милиони евра, скоро исто колку што Милан потроши за Матри од „Старата дама“. Пато остана во Милан до следниот јануари, одигра малку натпревари и заврши во Коринтијас за 15 милиони евра, половина помалку од парите што ги понуди ПСЖ.