Зделката меѓу Барселона и ПСЖ за Нејмар стана сапуница која се очекува конечно да се разреши овие денови. Договорот воопшто не е наивен и тој целосно ги поместува границиве во фудбалот.
Се работи за трансфер од астрономски 222 милиони, сума доста контроверзна и дискутабилна за еден фудбалер или двојно повеќе од трансферот на Пол Погба кој лани од Јуве во Манчестер замина за 105 милиони евра.
Реномираниот Гол.ком објави текст за овој трансфер напишан во октомври минатата година и објаснува како откако ПСЖ тогаш не успеал да го купи Нејмар, следниот обид го оставиле за на лето 2017-та. Ви го пренесуваме во целост:
ПСЖ се подготвени одново да притиснат за да ја потпишат ѕвездата на Барселона, Нејмар и планираат да понудат пакет вреден 222 милиони евра.
По долгите неуспешни обиди да го доведат Кристијано Роналдо во Париз, челните луѓе на францускиот клуб изминатовото лето ги свртеа очите кон Нејмар. Насер Ал Келаифи и Оливие Летанг се обидоа да го потпишат Бразилецот оваа сезона, нудејќи му астрономска плата (во согласност со договорот на Меси со Барса), како и неколку огромни клаузули.
Според извори блиски до играчот, зделката за малку ќе се реализирала, бидејќи тој бил во искушение да им се приклучи на соиграчите Маркињос, Лукас Мура и Тијаго Силва во Лига 1. На крајот Нејмар одбил да преговара за на почетокот на јули да потпише договор со Барса до 2021-ва за 25 милиони евра по сезона.
Во меѓувреме од Барселона изјавија:
„Договорот беше направен во јануари, но некои административни работи не спречија да го потпишеме“.
Таткото на Нејмар, инаку негов менаџер го искористи интересот на ПСЖ за да притисне и добие поголема понуда од Барселона, а Нејмар одби 40 милиони евра годишно од Париз, за да остане на Камп Ноу. Инаку таа плата останува помала од оние 42 милиони евра кои Меси ги зема годишно.
Сепак овој неуспешен обид беше само почеток за ПСЖ. Поранешниот тренер Лорен Блан во април откри дека клубот нема да потпишува големи имиња за да го закајне тимот како целина, но тоа тврдење се чини е спротивно со плановите на менаџментот, со цел да се пополни празнината што ја остави Златан Ибрахимовиќ.
Додека одбивање на Нејмар може да ја зголеми трансферната активност на ПСЖ во следното лето, со нивното штедење тие ќе задржат доволно пари во банка за следната година да ја исполнат клаузулата за негово ослободување од 222 милиони евра. Во 2018-та таа сума ќе изнесува 250 милиони евра, а неговата плата ќе порасне. Значи следното лето е од суштинска важност за раководството на ПСЖ.
Во Барселона не се многу загрижени во врска со ова прашање, бидејќи се убедени дека Нејмар е задоволен во клубот и не размислува за заминување, барем во блиска иднина.
Големиот проект на Барселона се однесува на Камп Ноу и оние 600 милиони евра за модернизација на стадионот. Работите околу зафатот се закажани, дозволите извадени за следното лето.
Реновирањето можеби нема да има влијание врз буџетот за играчите, како што беше пред 60 години кога ветувачкиот Луис Суарез беше продаден во Италија за да се надоместат трошоците за изградба на Камп Ноу и клупскиот идол Ласло Кубала.
Во 2017-ма можеби историјата ќе се повтори со Нејмар и Меси и ако се повтори, ПСЖ ќе биде прв во редот за талентираниот Бразилец.