Фиона Никол била на должност на полуфиналниот меч од ФА Купот меѓу Ливерпул и Нотингем Форест одигран на 15 април 1989-та и пред нејзини очи паѓале жртви во стампедото кое било предизвикано од премногу луѓе на мал простор.
Во интервју за БиБиСи таа ги раскажа драматичните сцени на стадионот Хилсборо, но се охрабри да зборува дури по 27 години, односно ден откако судот ја донесе конечната пресуда за виновниците на несреќата. Таа била исплашена дека доколку изјави нешто за тој ден ќе следува одмазда од повисоката полициската хиерархија.
„Мислев дека се обидуваат да не обвинат нас, ние да бидеме жртвените јагниња и ако имаат можност да не фрлат кај волците. Секогаш ја држев устата затворена бидејќи се плашев“
Од нејзе има и снимки на CCTV како се обидува да го спаси 14 годишниот Адам.
„Беше онесвестен и безпомошен. Навивачите притискаа од горе, а јас врескав, го влечев за рака и се обидував да го спасам. Околу мене беше тотален хаос, но јас бев фокусирана целосно на ова момче. Како што гледате не направив доволно. Како може да загубиме дете. Тоа е грозно“
Спомените на Никол не се бришат.
„Тоа се лоши спомени кои ме враќаат назад. Можам сè уште да ги слушнам и да ги видам. Луѓето едноставно беа згмечени во толпата еден врз по друг. Не можете да ги повлечете за рака или за нова без да ги повредите повеќе“.
Полицајката Фиона Никол никогаш повеќе не стапнала на стадион, а истото им го забранила и на своите деца.
Судот вчера донесе одлука дека полициската грешка била пресудна за развојот на настаните на Хилсборо, а тогашниот командир на полицијата Дејвид Дакенфилд кој сега има 71 година веројатно ќе одговара кривично.
Тој им се извини на семејствата на загинатите и призна дека трагедијата се случила откако наредил влезот на трибината да биде отворен, дозволувајќи им на 2.000 навивачи на Ливерпул да влезат за само пет минути.
Дакенфилд истата година кога се случи големата несреќа беше суспендиран на работа, а полицијата ја префрлаше топката кај навивачите и ја криеше вистината.