Страшен грабеж во домот на Џек Грилиш - украден накит од 1 милион фунти

Прославениот англиски репрезентативец кој освои Лига на шампиони и Премиер лига со Манчестер Сити, е само последна жртва на сериозен напад и грабеж во сопствениот дом.

Домовите на голем број познати фудбалери годинава беа мета на грабежи, а во огромниот посед каде што живее Џек Грилиш во средата вечер упаднале разбојници и додека член од бројното семејство успеал да стисне копче за аларм на имотот, натрапниците веќе собрале накит во страшна вредност од 1 милион фунти!

Во тоа време фудбалерот играше меч против Евертон на гости во Ливерпул. Наводно во домот семејството Грилиш чувало многу накит а крадците успеале да одземат повеќе вредни, драгоцени предмети.

Во моментот на упадот во домот имало дури десет членови на семејството меѓу кои девојката на Џек, Саша Атвуд, неговите родители, двете сестри и брат и сите го гледале мечот Евертон - Сити пред да слушнат како кучињата лаат и звук по скалите.

„Тие го извршиле грабежот кога Манчестер Сити играше во живо на телевизија а целата фамилија долу го гледала натпреварот. Никој не бил повреден но имаше многу испаничени. Сите беа ужаснати и чувствителни.

Куќата е голема и лежи на огромен имот така што е разбирливо зошто никој не слушнал ништо од прва. Исто, фамилијата за првпат била собрана во овој дом во кој се доселиле скоро сега пред Божиќ па непознат им е просторот.

Кога кучињата почнале да лаат бесно и кога слушнале како некои шепотат, го стиснале копчето за аларм“, изјавил близок човек до истрагата за англиски Сан.

Одземен е вреден накит, часовници, белегзии, ланчиња.

Џек Грилиш вечерта го одигра целиот меч со Евертон на гости во средата, а во четврток полициски служби го истражувале имотот вреден 100 милиони евра во кој Џек Грилиш се доселил со семејството пред само неколку дена. Да биде парадоксот поголем, само што се преселиле инсталирале и нов безбедносен систем.

Во огромниот замок има тениски терен, базени, огромно фудбалско игралиште, терен за крикет како и езеро.

29 декември 2023 - 10:31