Марсеј е град на таксистите. Не случајно легендарниот серијал филмови „Такси“ на Лук Бесон со неповторливиот Сами Насери во главна улога се одвиваше во овој град во јужна Франција.
Даниел - ликот кој го игра Насери има невиден талент за возење по тесните марсејски улици и зад воланот му нема рамен. Очигледно дека главниот херој на филмот го доведува своето „Пежо“ до совршенство, но тоа е само на филм во кој заплетот е измислен.
****
А Фабрис Апрузес не е лик од филм, иако тоа што му се случило во животот заслужува да се најде на филмско платно. Фабрис - е таксист од Марсеј и еден од поголемите љубители на фудбал во целиот регион и Олимпик како симбол на овој град.
Детството и младоста ги поминал меѓу домот и стадионот „Велодром“. Кога играл фудбал на улица ги кревал рацете кон небото и сонувал дека еден ден може да стане прав фудбалер и да истрча на зелениот терен на омилениот „Велодром“.
Како мал често трчал на познатата улица „Ле Граси“ спроти метрото Ронд Поинт ду Прадо и со задоволство гледал во големото фудбалско здание.
Годините поминувале, а веќе младиот Фабрис уште трчал во локалните аматерски екипи и сонот за „Велодром“ полека му станувал недостижен. Со тек на време почнал и со нормална професија да го заработува својот леб.
Така Фабрис Апрузес седнал за воланот на едно такси возило, за волја на вистината тоа не било „Пежо 407“, ниту пак неговата девојка не била ќерка на командирот на полицијата како на филмот.
Фабрис понекогаш бил многу нервозен поради поразот на омилениот тим, па дури и кога ги возел патниците, не престанувал да ги навредува играчите после загубен меч:
„Овие мрцини се толку мрзливи што не им се игра“, луто коментирал Фабрис, а неговиот патник одговарал: „Да, па ние да се симнеме на терен ќе играме подобро од тие дрва“.
Иако Апрузес одамна сфатил дека нема којзнае каков талент за да гради кариера на професионален фудбалер, тој пробувал да игра на полу-аматерско ниво, каде добро се снаоѓал во улогата на шпиц.
Во малото клуче „Обане“ каде настапувал Фабрис правеле спрдњи на сметка на неговата дебелина. А како и да не прават: Висок 170см а тежок 80кг. Соиграчите често го зафркавале за пивскиот стомак, ама човекот едноставно страсно сакал пиво.
„Пази, да ослабнеш едно 15 килограми, точно би можел да заиграш за Марсеј“, се смееле клупските другари а тој не ги сфаќал сериозно и давал многу голови за тимот Обане.
КРИТИКИ ОД МААЛСКИТЕ ГЛЕДАЧИ
Во 2010 година во животот на Фабрис се појавила првата значајна прмена. Апрузес се вработил во една од крупните поштенски компании во Франција, а вториот клуб по големина во градот го викнал во своите редови.
Новата служба му дозволувала да си го испланира денот а Апрузес повеќе време посветувал на фудбалот. Но на почеток скромниот број навивачи на клубот „Консолат“ непрестано го навредувал Фабрис:
„Мајсторе, ја мамурен подобро ќе играм од тебе“, „Кај те најдоа, оди напиј се пиво“, викале од малите трибини. Но спортската амбиција на Фабрис била поголема од нивниот потсмев, па тој по напорниот работен ден, трчал на тренинг и буквално орал од прва до последна минута.
Како што се сеќавал тренерот на Консолат, Апрузес бил прв насекаде: „Доаѓаше после работа, и секогаш беше прв до топката. Шпринтови? Никој никогаш не ги сака, а Фабрис беше пример како се трчаат. Досадни говори? Напротив, тој го голташе секој мој збор“.
Неверојатно поведение на возрасен маж со семејство кој има нормална работа и кој не може да разбере дека на таа возраст едвај има играчи во четврта лига.
Со текот на времето малата група навивачи на Консолат го засакала новајлијата за неговата пожртвуваност и чувството за гол. Фабрис го одликувала работа со телото со која правел силен пресинг на противничката одбрана и не им давал раат. Давал во просек по 0,5 гола по натпревар што е одлична статистика за аматерски напаѓач.
НАЈЕНЕРГИЧЕН ФУДБАЛЕР МЕЃУ МЛАДИТЕ
После пар години, откако се зборувало за некој поранешен таксист со пивски живот кој не и давал мир на одбраната во цела француска трета лига, гласините стигнале и до управата на Марсеј.
Од љубопитност претставниците на најголемиот клуб од градот дошле на еден меч на Консолат и толку се воодушевиле од Фабрис што после пар месеци Апрузес на свои 27 години ја задолжил опремата на славниот Олимпик. Така, првото мало чудо се случило во животот на чесниот Фабрис Апрузес. Покрај него, меѓу младинците на Марсеј имало и уште неколку возрасни луѓе кои им помагале на младите деца во периодот на стасување, за да не тргнат на страна од правиот пат.
Кога првпат го виделе Фабрис во соблекувалната, младите таленти почнале да се смеат на глас. Мислеле дека дечкото што прави достава на пица случајно залутал во соблекувалната и облекол дрес и шорцеви. Еден од главните играчи на младинците рекол: „Другар, ти да не дојде да бидеш нов кабинер, да ни ги чистиш копачките“?
„Јас дојдов да играм заедно со вас, другари“, кратко им одговорил скромниот Фабрис. Кај него немало никаква злоба која по правило не се всадува во срцето на чесен човек. Тој само сакал да игра во омилениот дрес.
Но неговите упорност, труд и искрена работа не можеле да не ги „купат“ неговите нови соиграчи. Дечките, благодарение на вродениот талент лесно можеле да најдат клуб па на тренинг многу не се залагале.
Фабрис, пак, исто како во Консолат го слушал тренерот највнимателно и трчал толку многу што на крајот младинците морале да го следат. Директорот на академијата на Олимпик Марсеј, Анри Стамбули, еден од иницијаторите на повикот на мажот со пивски стомак не се разочарал од него:
„Искрено, во прво време сите сомневавме и само кревавме палец во вис. Но после првиот тренинг и натпревар немаше веќе никаква скепса. Стана најдобар напаѓач, без маана и совршен пример за нашите млади играчи. Друго, во првиот тим веќе беа Валбуена, Жињак и другите, па децата немаа од кого да земат пример. Кога Дојде Фабрис, тој сана херој. Дечко од улица, не баш млад, ама се бореше како бик. Кога тие мрзливо трчаа, тој гризеше. И децата сфатија дека мора да се однесуваат така ако сакаат да успеат. Фабрис беше готов да заигра за резервниот тим“.
НАЈОЗБОРУВАНИ ЛУЃЕ ВО ФРАНЦИЈА: ФИЈОН, ЛЕ ПЕН И АПРУЗЕС
Велат дека животот е полн со случајности. Има среќни и несреќни, има и сосем трагични. Некои случајности ги нарекуваме чуда. За многумина ова што следува е право чудо.
18 ноември 2012 година пред мечот со Бордо, главниот тренер на првиот тим на Олимпик Марсеј го болела глава. Фамозниот Ели Боп не можел да смета на ниту еден напаѓач, затоа што од разни причини фалеле Андре Пјер Жињак и Лоик Реми, а на располагање му бил само Андре Ајо. Поради тоа, тренерот решил да погледне во младинците.
Се одлучил да го викне Фабрис Апрузес на тренинг со првиот тим. За Ели Боп мечот со „Жирондинците“ бил многу посебен зошто овој тренер на крајот од минатиот век на Бордо му донел титула во првенството и во Купот.
„Дечките ме прифатија топло, без никаква ароганција. Напротив, сите ми помогнаа брзо да се вклопам во колективот. Поминав прекрасно време со нив и се стремам одново да влезам во првиот тим“.
Но не го ограничиле само на тренинзи. Боп брзо го вклучил Фабрис Апрузес и во поширок состав за дуелот со Бордо.
„Се расплакав од среќа кога дознав за тоа“, емотивно се сеќава Фабрис. „Од детство мечтаев да го облечам дресот на Марсеј. Кога одевме кон „Шабан Далма“ (стадионот на Бордо), по кожата ме лазеа морници. Некогаш одев на тој голем стадион како гостински навивач, а сега бев на другата страна“.
Кога почнал мечот, Апрузес немал крв во него од возбуда. Првата шанса ја имал Андре Ајо кога Седрик Карасо му одбранил чист зицер. На полувремето се отишло со резултат 0:0. Во вториот дел по еден центаршут на Тремонилан, одличниот Гуфран го матирал Стив Манданда за 1:0 во 57’ минута.
Набрзо Марсеј останал со играч помалку по црвениот картон на Лукас Мендез, па тренерот немал што освен да бара чаре за нападот. Се свртел кон Фабрис и го пратил на загревање крај аут линијата. После неколку минути бројот 33 Апрузес влегува во игра и тоа наместо репрезентативецот на Франција Метју Валбуена кој се пожалил на повреда.
Во тој момент сите присутни на стадионот во чудо го гледале фудалерот за кој никогаш не слушнале. Фабрис трчал, се трудел, имал неколку контакти, но не успеал да избегне на противничката одбрана.
За текстов да беше бајка, задолжително би требало да пишеме дека во последните секунди Фабрис Апрузес дал два гола и му помогнал на својот тим да победи а после пар години патувал на Светско првенство, но не е така. Единствено што добил Апрузес бил жолт картон за груба игра. Марсеј изгубил и си отишол дома со празни раце.
Весниците веднаш пишувале дека Марсеј е во таква криза што во составот имале и случајни луѓе, а Ели Боп бил бесен на новинарите.
„Неверојатно колку медиумите го напаѓаат Марсеј и колку жестоки навреди имаше. Прочитав и некои весели коментари, како на пример дека Апрузес бил најозборуваниот човек во Франција заедно со Марин Ле Пен и Франсоа Фијон. А еден друг напиша коментар: „Боже Господе, пред пар месеци овој дечко ми доставуваше вода на врата, а сега игра за Марсеј!“
За само неколку месеци пред да заигра на теренот во Бордо, Апрузес работел како курир во поштенска компанија и на стадион одел само во улога на навивач а сега го заменува фантастичниот репрезентативец на Франција Метју Валбуена.
После дебито Фабрис не ја криел радоста. Не сакал да го смени дресот во соблекувалните.
„Таков сувенир морав да сочувам за себе. После мечот го прашував нашиот бек Абдул Рафидин: ’Мајсторе, можно ли е да сонувам’? Секако тоа беше фантазија. Почнав во трета лига, па со младинците, па за резервите и на крајот во прв состав - не верував дека играм за Марсеј, но тоа ми се случи. Тој ден ми беше најголем во животот. Помина многу време а и натаму непознати луѓе кога ќе ме видат на улица ми довикуваат - ти донесе смисла во нашиот живот“, раскажува од денешна перспектива Апрузес.
Фабрис Апрузес денес има 33 години, но неговиот живот практично не е променет. Игра аматерски фудбал, се вратил на работа во една од најголемите поштенски компании во Марсеј и докажал дека љубовта и огромното самопожртвување можат да направат неверојатни моменти.