Хасан Салихамиџиќ кој го носи прекарот Брацо, на 15 години избега од војната во Босна и Херцеговина и во декември 1992 година се пресели во Германија. Беше примен да живее кај туѓи луѓе, бидејќи неговите родители не успеаа да ја напуштат својата земја.
По тригодишниот престој во Хамбург, во 1998 година се пресели на Алијанц арена и стана еден од најважните и најстандардните фудбалери на Баварците со кои освои 16 трофеи од кои 6 титули во Бундеслигата и титула во ЛШ во 2001.
Салихамиџиќ потоа заигра во Јувентус, а кариерата ја заврши во Волфсбург, но неговото срце чука за Баерн Минхен каде играше 9 години. Тој повторно е поврзан со овој клуб на начин кој до сега не сме чуле дека го прави некој толку славен фудбалер.
Хасан изработува минијатурни статуетки од играчите на Баерн со 3Д штампа, бизнис кој го работи со свои пријатели, а неговите производи се продаваат и во официјалниот фан шоп на европскиот гигант.
Брацо ја коментираше и ситуацијата со бегалците.
„Се сеќавам добро на војната во БиХ, беше ужасно. Татко ми на 15 години ми овозможи да избегам за да се спасам и ми создаде можност за мојата иднина. Бев сам, комплетно сам. Можам само да помислам како им на луѓето кои денеска бегаат од сопствената земја. Јас се качив во автобус, а потоа фатив воз за да стигнам до Хамбург. Луѓето денеска се наоѓаат во уште полоша ситуација. За тоа мислам дека е важно Баерн да им помогне на бегалците. Дали се деца или возрасни, не е важно, сите имаат потреба од нормален живот“.