Србија на ова Европско првенство прави кам бек после долга 24 годишна пауза. Всушност ова им е прво учество на ЕП како Србија. На ЕП 2000 настапија заедно со Црна Гора под името СР Југославија.
Во квалификацискиот циклус во група 8 тогаш беа Република Ирска, Малта и три земји од поранешна СФРЈ: Македонија, Хрватска и СР Југославија.
Нашите северни соседи завршија први и го заверија учеството во последно коло на драматичен начин со 2:2 на Максимир во Загреб. Им помогнавме и ние откако со голот на Горан Ставревски одиграме дома 1:1 против Ирска, која со ремито клизна втора во бараж, а потоа беше елиминирана од Турција.
Србите снимија документарец за тој нивен тежок пат до ЕП 2000, како и самото учество на кое беа елиминирани во четвртфинале од Холандија со дебакл од 6:1.
Еден од соговорниците е Дејан Станковиќ кој зборува за тензичниот двомеч со Хрватска, прв после војната, за перфектната партија на Михајловиќ во Загреб, за Пикси, Вујадин Бошков, Слободан Сантрач, Ален Бокшиќ.
„Имав 10 институции покрај мене“, вели Станковиќ за своите славни соиграчи во време кога имал чест да игра со нив на 22 години. Открива дека Михајловиќ посакувал ждрепка со одлучувачки меч меѓу Хрватска и Југославија во Загреб.
Колку време помина од нивното последно ЕП покажува и тоа што Влаховиќ тогаш бил бебе со четири и пол месеци, Митровиќ се запишувал во школо во родното Смедерево, а Самарџиќ не ни бил роден.
Југославија на ЕП 2000 отиде како прва во група, пред Република Ирска, Хрватска, Македонија и Малта. Се сеќавате на вашите голови?
Се сеќавам на Ирска, таму загубивме 2:1, а јас дадов убав гол со глава после феноменално додавање на Пеѓа. Се сеќавам и на мечот против Македонија на гости кога ги отворивме после 15 секунди, а потоа им дадовме уште три. И таму бев стрелец. На Хрватска јас и Мијатовиќ им дадовме два гола на гости со грб. Само требаше да се поставиме таму каде шутира Миха, кој одигра нестварен меч во Загреб. И потоа на крај се правеше математика. Нерешено на Максимир нас не води во бараж, а Хрватска мора да победи. Ирска пак со победа е прва. Па се случи Македонија во Скопје да израмни против Ирска на 1:1, а ние во Загреб да одиграме 2:2. Ние завршивме први, Ирска втора, а Хрватска испадна од ЕП. Кога видов дека на клупа слават, си помислив зошто слават кога не чека и бараж, но некој почна да вика на глас дека во Скопје е 1:1. И така настана еуфорија. Одиме директно на ЕП 2000. Тоа беше една од моите топ 3 вечери во кариерата.
Двомечот со Хрватска, прв после војната и распадот на СФРЈ. На Маракана беше 0:0 и сите се сеќаваат на прочуеното затемнување кога снема струја.
Тоа беше специфична ситуација која не изненади сите, но се собравме заедно и двајца по двајца во група отидовме низ тунелот и чекавме да се среди кварот. Се сеќавам дека Чиро Блажевиќ бараше да се прекине мечот и да се регистрира со службен резултат, но мораше да се почека 45 минути. Во последните секунди од тој временски рок, рефлекторите се вклучија и мечот продолжи. Тоа беше прв натпревар по сè што се случуваше на територијата на поранешна Југославија, се чувствуваше тензија, емоции, имаше некои неразјаснети работи меѓу Миха и некои фудбалери како Штимац. Мене како млад тоа ми беше многу емотивно и симпатично кога гледаш такви величини.
Помина мечот во Белград, заврши 0:0. Имавме шанси, имаа и тие. Се сеќавам на стативата. Кога ги извлекоа групите, бевме во карантин, а Миха рече: „Ја би сакал последниот меч да го играме во Загреб и тој да биде одлучувачки за тоа дали на ЕП ќе одат они или ние. Јас му реков: „Чекај бе чале, зошто таму да биде одлучувачка, нека биде во Белград, а он: „Не, јас би сакал во Загреб“. И ждрепката беше таква, да ние во последното коло играме во Загреб. Нив им фалеа неколку играчи како Бобан и Билиќ. Самото пристигнување во Загреб, затворањето во хотел и сè она што се случуваше околу нас, не беше нормално.
И тој разговор на Миха со стариот пријател Штимац, кој го водеа грб со грб, тоа остави силен впечаток. Разговараа рамо преку рамо, бидејќи во хотелот имаше луѓе од различни бранши и секаков вид на полиција. Зборуваа за војната и цел тој период, а го знаеме нивниот случај, потоа Штимац кажа како се спремале за славје, а Миха му одговори: „Одлично, ќе ви го расипеме славјето“.
И како што завршува престојот во хотел, следува заминувањето на натпревар. На загревањето наместо да бидеш полесен со секој чекор, стануваш потежок во нозете на тревата на Максимир. Никогаш не сум го доживеал тоа како тогаш. Ако се погледнат тие слики пред мечот, ќе ги видите сите сериозни, освен јас и Миха како се смееме, бидејќи Синиша истрча пред источна трибина и се прекрсти пред знамето „Вуковар 91“. Јас викнав по него, но не ме слушна поради галамата, но ми беше мило кога го видов со насмевка. Потоа мечот ја испиша својата историја. Миха одигра за 10-ка. Нафрлуваше топки од прекини и шутираше од каде што ќе стигне. Нè погоди мене и Пеѓа во грб и тие две топки влегоа во гол. Незаборавна вечер.
Каков ви беше тогаш односот со Ален Бокшиќ со кој игравте заедно во Лацио?
Јас тогаш потпишав за Лацио. Се видовме во клубот, но само на кратко. Не претерувавме во приказната, ниту во пецкањето и шегувањето. Потоа имавме три години добар однос и дружење, останавме во добри односи.
Одлична генерација, со вас меѓу помладите, тој тим ги одигра СП 1998 и ЕП 2000: Стојковиќ, Мијатовиќ, Југовиќ, Милошевиќ, Михајловиќ, Јокановиќ...
Мене таа генерација ми донесе многу, бидејќи јас како млад најпрвин ги запознав тие величини, а потоа играв со нив. Можев да видам што треба да направиш за да играш на тоа ниво. Имав 10 институции покрај мене. Помина многу време, а во меѓувреме имавме само по некој пласман на СП. Направивме многу киксеви и тоа е необјасниво. Треба да се извлечат поуки од тој период од 24 години.
Пикси ви беше капитен на СП 1998 и ЕП 2000. Сега е тренер. Во која улога е подобар?
Со него имам ист однос 1998 и сега 2024. И сега го гледам како мој капитен, а он и после 24, 26 години ме гледа како мали. Имам голем респект спрема него, почитта е иста каква што била. Се слушаме, си честитаме еден со друг, се почитуваме. Тој однос останува за цел живот. Ниту сакам, ниту можам да се споредувам со него. Пикси оствари нестварен резултат. Ги спои двете големи натпреварувања како селектор, а тоа го направи и како капитен. Секогаш дава сè од себе и веќе оствари неколку цели. Но, фудбалот не е наука, ниту математика, не може да се калкулира. Полека, ќе биде сè добро, само да не се наметнуваат еуфорија и високи цели.
Во тие два циклуса бевте со двајца големи селектори. Какви беа Сантрач и Бошков?
Две големи тренерски имиња. Огромни авторитети. Вујке е легенда, остави белег во Италија. Бев тренер во Сампдорија, видов како го гледаат. Ни ги отвори вратите на сите нас и на мене и на Миха. А Сани го запознав уште во добата на фудбалските школи. Беше сериозен и како играч и како тренер. Таква лојалност спрема фудбалот ретко се гледа.