АЛИЈАНЦ АРЕНА (Минхен)
„Олимпискиот" стадион во Минхен од пред 10-ина години не е веќе дом на Баерн и Минхен 1860. Двата клуба веќе една деценија играат на „Алијанц Арена". Алијанц е една од најголемите осигурителни компании во Германија, а стадионот ќе биде под нивна закрила во следните 20 години.
СИГНАЛ ИДУНА АРЕНА (Дортмунд)
Примерот на Баерн Минхен го следеше и нивниот најголем ривал, Борусија Дортмунд која беше пред колапс. Решението за финансиските проблеми, Борусија ги реши во 2005-та година кога „Вестфален" беше преименуван во „Сигнал Идуна Парк". Како и Алијанц, и Сигнал Идуна се наоѓа меѓу водечките осигурителни компании. Правото на името на стадионот го имаат до 2021-ва година.
ВЕЛТИНС АРЕНА (Гелзенкирхен)
Откако руската компанија „Гаспром" ги среди нагомиланите проблеми, клубот од Гелзенкирхен реши да го даде и стадионот под концесија. Пиварскиот гигант Велтинс се договори со Шалке во наредните 15 години стадионот да го носи името „Велтинс Арена".
ЕТИХАД (Манчестер)
Во 2003-та година, Манчестер Сити доби нов стадион, изграден за потребите на Комонвелт игрите на Британија. „Граѓаните" во 2011. правата за името на стадионот го продадоа на авионската компанија „Етихад" од Дубаи.
ЕМИРАТИ (Лондон)
Една година подоцна, Арсенал изгради нов стадион, кој го доби името „Емирати", поради генералниот спонзор на клубот кој имаше најголема улога во изградбата на новиот храм на „топџиите". Авионската компанија „Емирејтс ејрлајнс" во 2004. година потпиша договор со Арсенал вреден 100 милиони фунти, а стадионот ќе се вика „Емирати" најмалку до 2019-та година.
АБУ ДАБИ САНТИЈАГО БЕРНАБЕУ (Мадрид)
По наводите на шпанска Марка, и Реал Мадрид наскоро ќе го реновира „белиот Колосеум", кој ќе се вика „Абу Даби Сантијаго Бернабеу". И покрај негодувањата од навивачите во Мадрид, претседателот на Реал, Флорентино Перез веќе потпишал договор вреден 500 милиони евра со ИПИЦ, инвестициски фонд од ОАЕ .
Фондот ќе го добие стадионот на Реал Мадрид под концесија во наредните 20 години (до 2034-та), период во кој „Сантијаго Бернабеу" треба да биде реновиран и модернизиран.
АВИВА АРЕНА (Даблин)
Осигурителните компании своето име си го ставаат и на стадионите во Ирска, па така најголемиот стадион во Даблин, „Авива Стадион" го носи името на најголемата ирска осигурителна компанија. Договорот со градските власти важи до 2019-та година. Авива е еден од стадионите кои ќе ги пречека учесниците на една од групите на ЕВРО 2020.
РЕД БУЛ АРЕНА (Салцбург)
Покрај тимот во Формула 1, Ред Бул е сопственик и на неколку стадиони во САД, Австрија и Германија. Австрискиот клуб Салцбург беше откупен од Ред Бул, кој старото име „Ѕентралштадион" го замени со „Ред Бул Арена".
ТУРК ТЕЛЕКОМ АРЕНА (Истанбул)
Во пензија замина и стариот „Али Сами Јен", стадионот каде Галатасарај ги имаше најголемите клупски успеси во историјата. Најголемата турска телефонска компанија Турк Телеком во 2011-та година го финансираше новиот стадион на Галата, а името „Турк Телеком Арена" ќе стои на влезовите до 2019-та година. Компанијата за таа цел плаќа 10,2 милиони евра годишно.
ФИЛИПС АРЕНА (Ајндховен)
„Филипс Арената" во Ајндховен немала потреба да се преименува, затоа што клубот е во сопственост на компанијата Филипс уште од 1913-та година, кога е подигнат стадионот на холандскиот прволигаш.
ШВЕДБАНК СТАДИОН (Малме)
Во Шведска, стадионот на фудбалскиот клуб Малме има капацитет од 51,125 места и е во сопственост на ШведБанк. Оттука и името „ШведБанк Стадион". Малме годинава игра во групната фаза од Лигата на шампионите.
ММАРЕНА (Ле Ман)
Во Франција продажбата на правата за името на фудбалските стадиони е реткост, така што единствено стадионот на второлигашот Ле Ман е преименуван од „Алијанц Ривиера" во „ММарена", името на осигурителна компанија од Ница.
МАПЕИ СТАДИОН (Реџо Емилија)
Исто како во соседна Франција, Италијанците имаат само еден „прекрстен“ стадион, оној на Сасуоло. Од „Енцо Ричи“, стадионот на Сасуоло е преименуван во „Мапеи Стадион“, по фирмата која се занимава со млечна индустрија, а е во сопственост на претседателот на Сасуоло.
Најголем дел од стадионите на Апенините се во сопственост на локалната власт, така што на ист стадион веќе неколку децении играат градските ривали Милан и Интер, Сампдорија и Џенова и Рома и Лацио. Актуелниот шампион Јувентус веќе неколку сезони игра на новиот стадион „Јувентус Арена“. Во минатото „црно-белите“ го делеа „Комунале“ со градскиот ривал Торино.