УЕФА денеска соопшти дека добила потврда за присуство на публика од 8 од вкупно 12 градови домаќини на Европското првенство кое ќе се игра летово од 11 јуни до 11 јули. Останатите четири градови Минхен, Рим, Билбао и Даблин ќе треба да се изјаснат на 19 април.
Она што ја засега македонската јавноста е веста дека Букурешт и Амстердам, градовите каде што ќе игра Македонија потврдуваат дека ќе нагостат меѓу 25 и 33% од капацитетот на стадионите со можност за зголемување во случај да се подобри ситуацијата со пандемијата.
Националната арена во Букурешт е со капацитет од 55.634 места, што значи дека со 25% публика на стадион би имало околу 14.000 гледачи, а во случај да биде донесена одлука со 33% тогаш би биле околу 18.500. Е сега прашање е колку карти ќе ни следуваат.
Во соопштението на УЕФА стои дека оние кои ќе имаат билети за натпреварите во Букурешт ќе бидат ослободени од карантин, но само со негативен ковид тест, а престојот ќе им биде ограничен до три дена.
Тоа значи дека тој што планира да патува во Букурешт на првите две средби против Австрија на 13 јуни и против Украина на 17-ти, нема да може да ги врзе со еден престој.
Третиот натпревар од групната фаза Македонија го игра на 21 јуни во Амстердам, а билетите ќе бидат пуштени во продажба на почетокот од мај.