Катастрофалната грешка на Кејлор Навас на мечот против Бетис кој за малку ќе го чинеше Реал пораз значеше и нов анти-рекорд: Костариканецот стана првиот голман на Реал за 42 години кој самиот си ја втурнал топката во сопствениот гол.
После мечот, голманот се покаја но вети дека ќе се рехабилитира од шокот: „Знам дека соиграчите ми веруваат. Им ветив дека веќе нема да киксам“, изјави голманот кој лани сруши неколку рекорди и беше најдобриот голман во шпанската лига и го избраа за најдобар голман на Латинска Америка за 2016.
Но оваа грешка по сè изгледа ќе биде фатална по него, затоа што не беше прва, ниту последна.
Првата тешка порција критики голманот ја доби по јануарскиот дуел на „Рамон Санчез Писхуан“. На крајот од натпреварот со Севиља доцнеше со излегувањето од својот гол и како резултат на тоа Серхио Рамос си даде автогол.
За време на тоа дерби со Севиља, Навас цело време стоеше далеку од својот гол и поради тоа беше виновен и за голот на Стеван Јоветиќ. Овој пораз беше прв за Реал по рекордната серија од 40-меча без загубен меч а му „кумуваше“ токму Навас.
Еден месец подоцна Реал го претрпе и вториот пораз во Примера сезоната. Овојпат Валенсија им ја зема мерката, а и на овој дуел свое „шоу“ имаше Навас. Костариканецот комично се намести при шутот на Орељана и прими гол низ нозе.
Набрзо Кејлор прими пет гола на два меча (со Виљареал и Лас Палмас). Во првата полусезона човекот кој се прослави на Мундијалот 2014 во Бразил имаше и две лоши проценки на средби од ЛШ, против Борусија Дортмунд и Легија.
Лани Кејлор беше пола екипа на „Кралскиот тим“ и речиси најзаслужен за освојување на титулата во Лигата на шампионите, но сезонава ги тера навивачите да се држат за срце практично на секој меч.
Според резултатите од истражувањата на Марка, големо мнозинство навивачи на Реал веруваат дека Навас треба да ја напушти екипата по крајот од сезоната.
Исто мислење дели и Флорентино Перез. По неофицијални информации на АС и Марка, тој лично се заангажирал во потрага по замена за голманот. А пред еден месец самиот Перез тврдеше дека во клубот сите се задоволни од Костариканецот.
Сега Кејлер е далеку од величествената форма од минатата сезона кога изгледаше неприкосновен голман на кого некој „крадец“ од резервите само случајно можеше да му го земе местото во Кралскиот Куп.
И статистиката се сложува: Во сезоната 2016/2017 Навас примил повеќе голови (34) отколку што бранел (28 меча). Се испостави дека просекот на примен гол сезонава му е 1,11. За споредба, лани Костариканецот прими само 31 гол на 45 меча - 0,68 примени голови во просек.
Во актуелнава сезона неговиот индекс на несовладливост значително паднал: Сега речиси секој трет шут во неговиот гол е погоок, а минатата сезона примаше гол на секој петти шут.
Во Примера има по 2,4 одбрани просечно во натпревар, а за целата сезона само на 5 меча имал clean sheat, т.е. не примил гол од кои 1 на Светското клупско првенство против третокласни тимови. Кејлор поради тоа нема причини да биде горд.
Главни претенденти за место под мадридското сонце се: Тибо Куртоа, Давид Де Хеа и Џанлуиџи Донарума. „Гласините за нов голман ме мотивираат. Во тимот играат најдобрите играчи на светот, и јас играм за Реал со нив, што многу ми значи“, оптимистичен е Навас.
Зинедин Зидан постојано праќа поддршка на адреса на Кејлор и му дава целосна доверба, но судејќи по неговите бледи настапи, сезонава може да му биде последна во Мадрид. За него наводно сериозно бил загреан Пеп Гвардиола во Манчестер Сити.
Пред пар години, Кејлор Навас за малку
не се пресели во Манчестер Јунајтед кога беше дел од трансферот на Де Хеа но наводниот задоцнет факс на „Олд Трафорд“ го спречи трансферот.
Но со ваква форма сега за трансфер на Навас не може да му помогне ни неисправна канцелариска опрема, ни факс, ни фиксни телефони.